Пандемијата испишува нова страница во медицинската историја.
Нема здравствен работник кој не ја почуствува суровоста на вирусот. Во Специјалната болница за ортопедија и трауматологија Свети Еразмо Охрид, нема ковид центар, но имаше и има ковид позитивни пациенти кои се лекуваат. Голем број здравствени работници од болницата заболеа , а за жал двајца познати и успешни лекари ја загубија битката со вирусот.
И покрај се`, болницата не запре со редовните оперативни зафати и бројните услуги на пациентите од целиот регион.
„Свети Еразмо“ или народно познатата „коснозглобна“ болница, важи за една од најреномираните болнички установи во регионот.
.jpg)
Во продолжение интервју со директорот на болницата „Свети Еразмо“ , д-р Ацо Велески специјалист ортопед.
Охриднет: Една година пандемија, голема здравствена криза, докторе како Вие и Вашата болница се справувате?
Велески: Специјализираната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ е установа со богата историја, традиција и искуство во своето седумдесет годишно постоење. Низ својата историја се соочувала со разни предизвици, кои биле секогаш успешно надминувани благодарение на искуството, професионалноста и стручноста на вработениот персонал. Се разбира дека по прашањето во однос на пандемијата и големата здравствена криза која таа ја донесе, како и сите здравствени установи, така и ние немавме никакво искуство, но дадовме се` од себе почитувајќи ги мерките и протоколите да продолжиме со нашата дејност и мислам дека засега во тоа успеавме.
Охриднет: Дали пандемијата го промени нормалното функционирање во Вашата здравствена установа?
Велески: Се разбира дека пандемијата и обврските за почитување на мерките и протоколите спроведени во интерес на пациентите и вработените на извесен начин го наруши и промени нормалното функционирање на болницата. Во периодот од февруари до јули 2020 година имавме препорака, задача и обврска да се третираат само итни и неодложни случаи. Системот „Мој термин“ беше „замрзнат“, што само по себе доведе до редукција на оперативната дејност и намалување на болничкиот капацитет.
Охриднет: Имаше ли застој во однос на работата, мислам во однос на оперативните зафати?
Велески: Застој во работата во однос на оперативните зафати немаше во ниту еден момент, со тоа како што претходно напоменав во периодот од февруари до јуни се оперираа само итни и неодложни случаи, за потоа од месец јули во договор и по препораки од Министерството за здравство, повторно започнавме со елективни операции од доменот на нашата дејност.
.jpg)
Охриднет: Како е моментално, дали функционирате со целосен капацитет?
Велески: Пандемијата, спроведените мерки за почитување на протоколите од една страна и се уште незавршената реконструкција на болницата „Св. Еразмо“ од друга страна, се двете главни причини поради кои болницата не функционира со полн капацитет. Но и покрај тоа, коефициентот на искористеност на постоечките две операциони сали од кои едната – привремена е доста висок, а амбулантскиот блок работи непречено. Така што ние сме сепак спремни во секое време да ги прифатиме и третираме сите итни случаи на повреди на локомоторниот апарат од целиот регион и пошироко, како и одреден број на хронични заболувања кои имаат потреба од оперативен третман. Во исто време морам да кажам дека ги прифативме сите пациенти од одделот за геријатрија при Општата болница – Охрид со цел зголемување на капацитетот на Општата болница за третман на пациенти позитивни на Ковид 19.
Охриднет: Вашата болница секогаш важела за една од најдобрите во земјава, кажете ни кои оперативни зафати се извршуваат?
Велески: Одлика на болницата „Св. Еразмо“ секогаш бил едуцираниот и професионалниот стручен кадар. Со гордост можам да кажам дека така е и сега. Се изведуваат високо стручни и софистицирани операции од областа на ортопедијата од кои најчести се ендопротетиката на колкот и коленскиот зглоб, артроскопската хирургија на коленскиот и скочниот зглоб, хирургијата на `рбет, сите операции од областа на трауматологијата на локомоторниот апарат, широка лепеза на операции од областа на неврохирургијата и пластичната хирургија.

Охриднет: Може ли во бројки да ни кажете колку операции имате месечно и годишно во просек?
Велески: До појава на пандемијата, на годишно ниво во просек имавме околу 1600 оперативни зафати поточно во 2018 година – 1700, а во 2019 – 1500. Пандемијата и завршниот чин на реконструкцијата на болницата доведе до тоа во 2020 година да имаме 900 операции на годишно ниво, во првиот квартал оваа година 330 операции што мислам дека согласно условите е завидна бројка. Кога сме веќе кај бројките, сакам да наведам дека во 2018 година сме имале 50 000 амбулантски прегледи, во 2019 – 54 000 амбулантски прегледи, во 2020 тој број се сведе на 32 000, а во првиот квартал оваа година – 12 000 прегледи.
Охриднет: Се` уште трае реконструкцијата на болницата, кога очекувате да започне со работа новиот дел?
Велески: Мислам дека сите ние треба да имаме разбирање дека состојбата со пандемијата и тековните решенија за нејзино надминување во овој момент се приоритет, но исто така уверен сум дека министерот, Министерството за здравство и Владата се посветени на овој проблем и лично очекувам дека до есента оваа година ќе започнеме со работа во новиот оперативен блок.
Охриднет: Неодамна е најавена и реконструкцијата на базенот, кога може да се очекува да биде готов?
Велески: Реконструкцијата на базенот е во тек, интензивно се работи и најголем дел од работите се во завршна фаза, па очекувам базенот да биде ставен во функција најдоцна за 2 месеци, можеби и порано.
Охриднет: Кои се клучните предизвици со кои се соочува Вашата здравствена установа?
Велески: Клучниот предизвик за секоја здравствена установа – па и нашата е секогаш на пациентот да му биде пружена соодветна стручна, професионална, навремена помош, третман и нега. А во овој момент, се разбира и справување со пандемијата во смисла на почитување на протоколите за спречување на нејзиното ширење во микро средината.
Охриднет: Имате ли доволно опрема и медицински персонал?
Велески: До овој момент сметам дека располагаме со доволно опрема и медицински персонал за непречена функција на болницата.
Охриднет: Колку здравствени работници од „Св. Еразмо“ го прележаа вирусот?
Велески: Досега околу 70 вработени (здравствени работници и помошно-технички персонал) го прележаа вирусот и за жал, тројца од нив од кои двајца доктори и една болничарка ја загубија битката со Ковид 19.
Охриднет: Дали и колку здравствени работници се вакцинираа?
Велески: Вакцинирани се околу 130 здравствени работници, од кои 70 ја примиле и втората доза.
Охриднет: Колку во време на пандемија успевате да одговорите на потребите на пациентите?
Велески: Мислам дека нема да биде нескромно ако кажам дека од нашата болница не е вратен ниту еден пациент, дека секому е пружена соодветна стручна помош, нега и третман, било тоа да е конзервативен или оперативен. „Св. Еразмо“ не е Ковид – центар, но е една од ретките или единствена установа која во овие тешки моменти за здравството има задача да ги третира пациентите од цела држава, итни или елективни случаи од областа на нејзините дејности.
Охриднет: Кое е Вашето мислење за вирусот како лекар?
Велески: Ќе дозволите да кажам дека јас сум доктор специјалист – ортопед и како таков не би навлегувал во проблематиката на други специјалности, само би напоменал дека овој вирус е нешто ново, опасно и животнозагрозувачко и во моментов не гледам друг излез од оваа ситуација освен почитување на мерките и масовна вакцинација.
Охриднет: „Св. Еразмо“ важеше за една од најуспешните здравствени установи во земјава. Каква е состојбата денес?
Велески: Спроведените анкети за задоволство на пациенти ни даваат за право да констатираме дека болницата „Св. Еразмо“ и денес е една од најуспешните здравствени установи во земјава.

Охриднет: Како да го подобриме односот лекар – пациент, има ли взаемна почит?
Велески: Сметам дека за жал поради сплет на различни околности, во кои не би навлегувал, взаемната почит помеѓу докторите и пациентите е нарушена, а односот може и мора да се подобри со взаемна доверба, меѓусебна почит и професионален пристап од страна на докторот.
Охриднет: Кои новитети ги планирате во болницата, можеби нова апаратура, нови зафати и слично?
Велески: За многу кратко време, болницата „Св. Еразмо“ ќе добие и ќе го стави во функција новиот апарат за магнетна резонанца, ќе започне со ендопротетика и артроскопија на рамо за кои интервенции младите доктори се веќе едуцирани и како што претходно напоменав, се надевам дека за многу кратко време ќе биде ставен во функција и реконструираниот базен.
Охриднет: Која е Вашата порака до граѓаните?
Велески: Почитувајте ги мерките, вакцинирајте се, имајте доверба во здравствените работници, грижете се за себе и за своите најблиски и при било каков симптом, барајте навремена лекарска помош.
Текстот е изработен во рамките на кампањата „Здравствените работници се нашите херои – со нив се гордееме“, како поддршка во најголемата здравствена криза во историјата.
