Нема да се одложат предвремени парламентарни избори. За тоа не станало збор на вчерашната лидерска средба, но поради коронавирусот и мерките и препораките, политичките партии ќе водат кампања без митинзи.
На лидерска средба кај премиерот Оливер Спасовски, претседателите на СДСМ Зоран Заев, на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, на ДУИ Али Ахмети, на Алијанса за Албанците Зијадин Села и на движењето БЕСА Биљаљ Касами имаа заеднички став дека е најважно здравјето на граѓаните и дека ќе ги почитуваат препораките.
Многу е важно, рече Спасовски, сите политички партии да покажат одговорност пред здравјето на граѓаните, да ги следат препораките на институциите и нивните активности и кампањата за изборите да ја приспособат врз основа на она што е препорачано во мерките од страна на институциите.
Лидерот на СДСМ Зоран Заев истакна дека ќе ги почитуваат препораките и мерките на Владата за справување со коронавирусот и своите предизборни активности ќе ги водат преку медиумите, социјалните мрежи и преку лајфстриминг.
