2018 ќе остане запаметена како година на безброј предизвици, препреки, но и година на многу реализирани проекти и успеси.
Каква беше 2018 за директорите и менаџерите на професионален и личен план традиционално за Охриднет.ком раскажуваат докажани професионалци на тоа поле.
Кристина Крлеска Деспотоска – директор на ЈП „Градски пазар“

Во годината која изминува ја почуствував суровоста на животот.И јас и сопругот ги загубивме нашите мајки, а сите ние го загубивме и градскиот татко. Личности кои никогаш нема да ги заборавам и ќе останат во моето срце засекогаш.
„Се што научив за животот може да се сведе на три збора :животот оди понатаму” – ќе каже Роберт Фрост. Тоа е факт, сепак, празнината во мојата душа ќе биде вечна по мојата мајка-борец, жена која ми го покажа вистинскиот пат и успеа од мене да направи пред се личност која ќе ги гледа во најтешкиот момент позитивните работи и ќе се бори да не ги заборави и да ги вреднува работите кои не прават успешни и исполнети, затоа што само така ја исполнувам целта која што ми ја дале и со што ќе бидат горди кон мене . Таа празнина само на професионален план ја продлабочи загубата на нашиот Градоначалник , пример за човек во вистинска смисла на зборот. Ја имав таа привилегија и чест да бидам дел од неговиот тим или како што тој би рекој дел од неговото семејство, да соработувам и да учам од најдобриот. Несебичната работа, граѓаните ја осознаваа преку неговата насмевка и желба да помогне каде што е најпотребно. Во годината која што изминува поставивме повеќе цели, направивме одлични анализи, донесовме прави одлуки и реализиравме повеќе проекти, тука пред се ќе ги истакнам : мини пазарот, формирање на локална акциска група за потребите на Охрид и Дебарца во функција за обезбедување на средсва за развој на руралните средини, донесовме стратегија за консолидација и стабилизација на претпријатието, ја дефиниравме сопственоста и ги заштитивме интересите на претпријатието, дадовме значаен придонес во завршната фаза од реализацијата на долго очекуваниот затворен пазар, ја вративме довербата на пазарџиите кон претпријатието и уште многу проекти кои за жал ќе треба да ги реализираме без нашиот Градоначалник Јован.Ќе продолжиме таму каде што застанавме, со сплотеност и љубов кон градот онака како што доликува.
Сепак сплотеноста, хуманоста и солидарноста со судбината на нашата Сара ќе остане по мене како позитивен настан во 2018 година со кој покажавме дека нема недостижно и дека постои доволно љубов за сите.
Со желба за успешна и подобра 2019 година на сите граѓани и читателите на охриднет им ја честитам Новата година и претстојните празници, да живееме во мир, љубов и меѓусебна почит.
Љупчо Грданоски – директор на ЈП „Охридски Комуналец“

Успеси, предизвици, мигови радост, среќа, мигови тага, емоции и доживувања ќе ја одбележат годината што измина. На професионален план постигнав многу. Како директор на ЈП „Охридски Комуналец“ го започнав процесот на финансиска консолидација, успеав да внесам позитивна енергија, креативност во работата, желба за работа, високо ниво на меѓучовечки односи, кои гледајќи на долг рок се клучни елементи за непречен, континуиран успех на претпријатието во целина.
Оваа година за прв пат се пристапи кон чистење на локалитетот Мауцкер,од Министерството за животна средина добиени се средства во вредност од 2.500.000,00 денари за чистење на локалитетот , извршена е санација на пристапниот пат во депонијата „Буково“, започна имплементацијата на проектот за одржливо управување и третман на био-отпад, со проектот „прати слика, пријави отпад„ на граѓаните им овозможивме на транспарентен начин да пријават локации каде се создадени мини – депонии како последица од несоодветно одлагање на отпад , поставивме нова урбана опрема 30 клупи и 30 корпи за депонирање ситен отпад на пешачката патека до „Парк“, на потегот од плажа „Кадмо“ до некогашниот хотел „Парк“,од сопствениот расадник засадивме 80.000 садници сезонско цвеќе низ парковите и кружните текови во градот. ЈП „Охридски комуналец“ им излезе во пресрет на граѓаните во неколку наврати при големите невремиња.Оваа година симболично го одбележавме првиот ден на пролетта со засадување на 50 садници декоративни дрвја од видот црвена слива .
И покрај тешкиот почеток со наследените долгови, ЈП „Охридски комуналец“ – Охрид издвои средства за инвестиции во вредност од 5.007.162,00 денари за основни средства, компјутерска опрема ,специјални возила и алати, набавени се две специјални возила од 22 м3 за собирање на комунален отпад; возило „ман-кипер“, набавен е „мулчер“ со кој во голема мера е олеснато косењето и одржувањето на големи зелени површини; набавена е професионална машина за миење на возилата и обезбеден соодветен простор.
Професионалниот овогодишен успех би го споделил со моите колеги и соработници во ЈП „Охридски Комуналец“, кои умеат да бидат тимски играчи со една цел – задоволен граѓанин и урбан и чист Охрид.
И на приватен план во оваа 2018 имав среќни мигови и низа премрежја кои секако оставаат трага, а од мене направиле посилен човек, спремен за предизвиците и искушенијата кои допрва следат. Татко на две деца, син – прваче и четиригодишна ќерка кои и во најтешките денови знаат да украдат насмевка од моето лице. Се надевам, и покрај посветеноста кон работата, оваа година бев и добар сопруг, другар, пријател….
Ја завршувам годината задоволен од себе и од блиските до мене, за она што заеднички го направивме со желба дека 2019 ќе ни биде поуспешна. Со порака за добро здравје, бериќет и слога посакувам да влезем во новата година, во која успешно ќе се справувам јас и сите други со предизвиците на новото време, црпејќи инспирација и мотивација за личен и професионален успех. Само со заедништво, сплотеност и вмрежување на млади, талентирани и успешни луѓе, успехот е загарантиран.
Во годинава што следи, ќе ми недостасува нашиот драг градоначалник, Јован Стојаноски, мојот најреален критичар, советник, искрена потпора, а пред се добар другар. Но, ветувам дека заедно со в.д. градоначалникот Константин Георгиески ќе направиме што повеќе и ќе ја реализираме неговата визија, да почнеме да го менуваме Охрид.
Визиите за убав Охрид низ вековите ги мотивирале поединците да се грижат за овој светол и свет град, промисла со која на професионален и приватен план ќе зачекорам во годината што следи.
Нека ни биде среќна и бериќетна.
Гордана Јованоска, директор на ЈП „Билјанини Извори’ – Охрид

Годинава што минува беше вистински предизвик за мене и за раководството на ЈП „Билјанини Извори“.
За жал сиот сјај и задоволство од сработеното не само мене, верувам на многумина во Охрид ни го помати прераното заминување – смртта на почитуваниот – градоначалник Јован Стојаноски. Човекот кој веруваше во мене и моите преземања и по распишаниот конкурс, токму пред неколку месеци ме назначи за директор на ЈП „Билјанини извори“. Даваше поддршка во санациониот и развојниот план на претпријатието. Но животот е суров и непредвидлив.
Турболентното време никако да помине. На политички план мојата опција – СДСМ на сите начини се бори да стигне до подадената рака и конечно да тргне на патот кон НАТО и големото европско семејство.
Приватно, на семеен план ја прославивме полуматурата на ќерка ми Љубица и таа е веќе гимназијалка, со еден збор порасна.
Прашувате што си посакувам во следната 2019?
Здравје, љубов и благосостојба. За моите најблиски, семејството, пријателите…
Посакувам повеќе насмевки на лицата на нашите сограѓани и ведрина кај секој Македонец.
Асим Меџедовиќ – директор на „Фибула Ер Травел“

Годината 2018 што е на истек, за нас од Фибула Травел, беше уште година помината во силна динамика, интензивни контакти и преговори со нашите партнери и другите тур опаратори за договарање аранжмани на охридското крајбрежје и во целата Македонија. Со нив се сретнувавме овде во Македонија (Охрид и Скопје) но и на бројните туристички саеми низ Европа. Вложувавме напори но и уживавме да ја претставиме Македонија како туристичка дестинација број еден и да ги истакнуваме предностите на македонскиот туризам. Во позитивните искуства, ги вбројувам новите партнери на Фибула Травел-тур операторите што храбро решија да ја постават Македонија како топ туристичка дестинација во нивната понуда. Тука мислам на полските и на естонските тур оператори кои летото ги воспоставија чартер авио линиите од Варшава и Талин до Охрид. Секако,посебно ги истакнувам нашите останати партнери од Полска кои летово имаа три пати поголем ангажман и донесоа повеќе туристи оваа година.Потсетувам на фибула партерите од Белгија и Холандија (наведи ги имињата) кои веке години наназад ги промовираат Охрид и Струга, па и цела Македонија и носат холандски туристи од април до крајот на септември.Нашата цел како компанија за оваа година е постигната. Но тоа не значи дека тука застануваме, напротив, тоа ни дава за право, уште повеке да се трудиме, да работиме и да одиме напред, да освојуваме нови пазари и нови туристи. Македонија е преубава земја, сите странски туристи тоа посебно го истакнуваат што пак, нас ни дава за право да се посветиме силно во истакнување на она што нив ги плени и ги прави повторно да дојдат.И во новата 2019 ќе стоиме исправено пред новите предизвици- отварање на нови дестинации кон Охрид и Македонија. На сите граѓани на Република Македонија, на нашите партнери, им ја честитам Новата 2019 година и им посакувам добро здравје,побериќетни нови 365 дена, повеќе среќни моменти, поголема меѓусебна почит,искреност и пријателства. Нека љубовта не води кон достигнување на вистинските лични и општествени вредности.
Весна Цветкоска – директор на Гимназија „Свети Климент Охридски“ Охрид

2018 година за мене започна успешно со тоа што бев назначена за директор на охридската гимназија, каде работам 31 година како професор по биологија.Годината помина во реализација на бројни проекти,опремување на кабинети со нов мебел,компјутери,телевизори за поуспешна реализација на наставните програми.Многу успеси на државни натпревари на нашите ученици.За зал крајот на оваа година беше обелезжан со ненадејната и прерана смрт на нашиот градонацалник проф.др.Јован Стојаноски чија визија беше да се вложува во образованието.На приватен план сум исполнета сопруга и мајка на двајца возрасни синови кои го градат сопствениот пат секој во различна област.
Славчо Андрески, менаџер на „Братство-Инокс“

2018 година што неповратно ја оставаме зад нас, на приватен и деловен план, за нас беше, не многу лесна но сепак успешна година.Компанијата „Братство Инокс“ правеше силни обиди да го надоградува својот имиџ и реноме, доследно почитувајќи го нашето мото „СЕКОГАШ ДА ПОНУДИМЕ ВРВЕН КВАЛИТЕТ ПО ДОСТАПНИ ЦЕНИ“. Ја истакнувам вредната работа на сите вработени во компанијата, тимски работевме, вредно, посветено и одговорно. На тој начин сакавме да ја зачуваме нашата долгогодишната традиција на производство на висококвалитетни иноксни производи, да го зголемиме капацитет во металопреработувачката индустрија.2018 е каректеристична бидејќи „Братство-инокс“, ги доби сите типски сертификати од овластена Европска лабораторија за мерни трансформатори, што нашата компанија ја прави единствена во регионот за производство на мерни трансформатори.Компанијата направи чекор напред и со монтирањето на новата линија за садови со ковано дно ( се кова капсулата), со што, значително го подобривме квалитетот на нашите садови. Горди сме што, ја пуштивме линијата за украсно хромирање во процесот на галванизација, што, не прави единствени бидејќи тоа е најголемата таква линија во земјава.Паралелно, вложуваме во заштитата на животната средина со вградување линија со најсовремена опрема за пречистување на отпадните води од галванизацијата. За тоа, добитници сме на врвни ЕУ сертификатии како и на престижниот сертификат-А интегрирана дозвола од нашето Министерство за екологија.
На семеен план, мојата најголема подршка и инспирација за секој следен предизвик е семејството и заедничкиот дом.Тука ја наоѓам мојата оаза и оттука ја црпам енергијата за предизвиците и работните ангажмани. Искрено признавам дека не би можеле да ги постигниме успесите без постојаната поддршка и посветеност на семејството, иако, признавам дека можев и повеќе време да посветам кон најблиските. Сепак, се обидував, откако професионалните обврски ќе ги завршам, секој миг да да им го посветам на мојата сопруга и двете ќерки.
Во 2019 година, ќе продолжиме да работиме на подобрување на квалитетот на нашите производи но и на производство на кочници за возови, кои треба на време да ги испорачаме до нашите партнери.Ќе бидеме посветени и на обезбедување на подобри и поквалитетни услови за работа на нашите 240 вработени во нашата групација. Нашите вработени се вредни луѓе и заслужуваат подобрување на нивниот стандард.
На мојот колектив-на сите вработени, на целото мое семејство и секако на сите граѓани, им ги честитам Новогодишните и Божиќните празници и им посакувам многу здравје, среќа и задоволство, семеен мир и хармонија во следната 2019 година. Посакувам Дедо Мраз да ни помогне и да се оствари моја визија и желба-Охрид повторно да се издигне во прпознатливо индустриски центар во регионот.
