Градоначалникот на Општина Дебрца, Златко Сиљаноски, информираше дека официјално е објавен повикот од Министерството за транспорт и врски за асфалтирање на локалниот пат од селото Издеглавје до црквата „Св. Димитрија“, во должина од еден километар.
Според Сиљаноски, Општина Дебрца претходно изработила комплетна проектна документација и успешно аплицирала за реализација на проектот.
„Она што со децении го слушавте само како најава пред избори од многумина пред нас, конечно излегува од фиоките и станува реалност“, објави Сиљаноски.
Тој упати благодарност до Министерство за транспорт и врски и министерот Александар Николоски за поддршката и разбирањето за приоритетите на општината.
„Многу министри и градоначалници пред нас ветуваа – ние го градиме, нашиот збор има тежина“, истакна градоначалникот, додавајќи дека локалната самоуправа продолжува со реализација на проекти за развој на сите села во Дебрца.
