Во Охрид ќе се одржи почетниот состанок за изработка на Планот за управување на сливот на Охридско Езеро, еден од најважните и најнеопходните документи за иднината на заштитата и управувањето со сливот на Охридско Езеро .
Планот е билатерален и интегрален и ќе биде изработен во согласност со Европската рамковна директива за води и националните законодавства на дветe земји кои го споделуваат Сливот на Охридско Езеро.
Состанокот ќе содржи презентација на веќе изработениот Почетен извештај за изработката на планот за управување со сливот и ќе ги посочи принципите и чекорите за изработка на самиот План за управување. Исто така ќе биде создадена и платформа за дискусија помеѓу сите надлежни институции за процесот и за методологијата на изработката.
-„Заеднички, интегрален План за управување со сливот е алката што ни недостасуваше во заштитата и управувањето со Охридско Езеро. Овој план заедно со прекуграничната дијагностичка анализа на Дримскиот Басен и Стратешкиот акционен план се основата за поставување на надеж за зачувување на вредностите и за креирање на одржливата иднината во регионот. Тоа е впрочем нашата мисија и цел кон која тежнееме “ (Дејан Пановски, нац. координатор на ГЕФ Дримскиот проект)
Изработката на Планот за управување со сливот на Охридско Езеро е финансирана во рамите на ГЕФ Дримскиот Проект и е една од клучните активности во програмата за мерки за заштита и управување во басенот. Изработката е предвидено да трае 18 месеци и да резултира со Финален и усвоен План за управување со сливот на Охридско езеро согласно Европската рамковна директива за води.
Состанокот ќе се одржи на 15.05.2018 (вторник ) со почеток во 11:00, во хотел Аквалина Охрид.
Состанокот ќе го отвори Заменик Министерот за животна средина и просторно планирање на Република Македонија , г-дин Јани Макрадули .
Согласно Агендата по отворањето во 12:15 часот предвидени се изјави на :
-Јани Макрадули – Заменик Министер за животна средина и просторно планирање на Република Македонија
-Герта Лубоја – Технички секретаријат за води при Владата на Република Албанија
-Димитрис Фалутсос- Коодинатор на Дримскиот процес, Глобално партнерство за води – Медитеран
– Масимилиано Монети – Лидер на тимот кој го изработува Планот, РИНА- Италија
