Комисијата за заразни болести најави дека во текот на наредните денови ќе разговара за намалување на работното време на кафулињата и рестораните, како мерка која би спречила понатамошно ширење на заразата со корона вирусот.
Оттаму за Фактор велат дека сред лето, Комисијата за заразни болести не би препорачувала повторно ограничување на движењето, односно воведување полициски час, но по бурниот викенд со журки во дискотеки и ноќни клубови до сабајле, размислуваат да го ограничат работното време на ваквите правни субјекти.
-Генералниот став на Комисијата е дека ние ги дадовме сите потребни протоколи и безбедносни мерки ди сите сопственици на кафулиња, клубови, ресторани, хотели, плажи, базени и така натаму…Гарантираме дека ако сето тоа се почитува максимално, дека бројот на новозаразени со Ковид-19 ќе се намалува. Но, толкава неодговорност е навиистина незамислива. Први, заедно со германија ја воведовме мерката задолжително носење маска. Таму веќе немаат потреба од ова, зошто сите беа дисциплинирани, кај нас, секоја чест за исклучоците, но генерално не се почитува оваа мерка. Посебно во помалите градови, во помалите места. Затоа, во текот на оваа недела ќе мора да разговараме за дополнителни рестриктивни мерки, велат извори од Комисијата за заразни болести за Фактор.
Очекуваат во наредните денови дека ќе има нови рекордни бројки на новозаразени, а кластерите ќе бидат од учесниците во изборната кампања, односно митинзи, групирања, средби со голем број граѓани, а кон крајот на неделата оценуваат дека најголем број од новозаразените ќе бидат млади луѓе како резултат од журките во ноќните клубови во повеќе градови низ Македонија.