Претседателските избори треба да се одржат на почетокот на април. Се очекува спикерот Талат Џафери да ги распише на првиот ден од месец февруари.
Во исто време ќе бидат распишани и изборите на градоначалник во три општини.
Охрид и Дебар, каде ненадејно починаа татковците на градот професорот Јован Стојаноски и муфтијата Ружди Љата. Избори ќе има и за општина Ново село каде градоначалникот си поднесе морална оставка после шверцот со цигари.
Во јавноста веќе се шпекулира за кандидати за градоначалници во Охрид од двете партии. Како најчесто споменувани имиња се Константин Георгиески актуелниот в.д градоначалник на Охрид, Лазе Танески претседател на ОО СДСМ Охрид, а од опозицијата претседателот на ОК на ВМРО ДПМНЕ Сашо Донев, координаторот на советничката група доктор Кирил Пецаков и адвокатот Мишел Наумоски.
И двете партии спроведуваат анализи и анкети за да го изберат кандидатот кој ќе им донесе победа.
Кандидатурите за претседателското место ќе се знаат на почетокот на март или 35 дена пред датумот на одржување на изборите.Најголемата опозициска партија објави конкурс за кандидат за претседател на, а според Мицкоски, до 31 јануари ќе се знае името на нивниот кандидат. СДСМ и ДУИ најверојатно ќе излезат со консензуален кандидат, но велат дека се уште не почнале преговорите околу тоа кој да биде нивниот кандидат.
Како најсериозен консензуален кандидат се спомнува професорот Денко Малески, кој воедно беше првиот министер за надворешни работи на независна Македонија. За него пред извесно време лидерот на ДУИ Али Ахмети изјави дека може да биде прифатливо решение.