Осум градови во земјава ќе видат дел од војниците и опремата кои ќе учествуваат во досега најголемата и најсложената воена вежба во Македонија, „Одлучен удар“, која од денеска до 9 јули ќе се одржи на воениот полигон Криволак.
На вежбата ќе учествуваат 2.600 војници од АРМ и од САД и стотина нивни колеги од Албанија, Бугарија, Црна Гора и Литванија.
Ова е досега и најголема и најсложена воена вежба чиј домаќин е земјава. На вежбата трупите од шест земји ќе треба заедно да изведуваат операции на здружени копнени и воздухопловни сили, комбинирани операции на конвенционална војска и специјални сили и борбени операции во урбан терен.
-„Цел на вежбата е да обезбеди синхронизација на расположливите сили и капацитети и потврда на тактиките, техниките и процедурите за координирани конвенционални операции и здружени и комбинирани операции во урбана средина, во различни временски услови и во исто време да го зголеми нивото на интероперативност и интеграција како помеѓу конвенционалните, така и помеѓу силите за специјални операции на партнерските земји, потврдувајќи го нивото на борбена готовност и ставајќи ја на тест способноста на логистичката поддршка за интензивна одржливост на операции со висок интензитет“, најави АРМ.
На „Одлучен удар“ ќе учествува компонента од конвенционални сили со два баталјони механизирана пешадија на АРМ, два баталјони од 56. Страјкер-бригада на Националната гарда на Пенсилванија, опремена со оклопни возила „страјкер“, артилериска батерија од Црна Гора и артилерци од Литванија и македонски и американски хеликоптери.
Во борбената група за специјални операции ќе бидат вклучени тимови од специјалните сили на АРМ, „зелени беретки“ од 19. Група на специјални сили од Националната гарда на САД и тимови од специјалните сили на Албанија и Бугарија.
На вежбата ќе има 26 настани, 96 задачи и 13 тактички вежби со боево гаѓање со пешадиско оружје, артилерија и хеликоптери.
За време на вежбата, македонските и американските војници ќе имаат отворени денови со презентација на вооружувањето во осум градови:
- 8 Јуни 2019 Гевгелија;
- 11 Јуни 2019 Свети Николе;
- 15 Јуни 2019 Кавадарци;
- 26 Јуни 2019 Радовиш и Струмица;
- 29 Јуни 2019 Битола;
- 1 Јули 2019 Гостивар;
- 5 Јули 2019 Скопје.