Од септември се воведува национално тестирање во училиштата

Во новиот Закон за основно образование кое го изготвува Министерството за образование и наука (МОН), ќе биде вметнато и новото т.н. национално тестирање, кое заедно со другите измени и новини, ќе започне да се реализира од претстојниот септември.

Ова тестирање е предвидено со програмата на Владата, како и во законот, чија примена се планира да започне од новата учебна година.

Законот кој е во подготовка, ќе содржи повеќе новини, а свои сугестии и предлози ќе даде и јавноста.

Националното тстирање е тип на надворешна евалуација која не влијае на успехот на учениците, ниту пак, на каков било начин врз наставниците. Ќе дава резултати преку кои ќе увидиме што и како учениците научиле, а тоа ќе биде потребно за понатамошно конципирање на образовните политики. Јас сакам да се случи, да се воведе поскоро. Концептот ќе го дефинираме со сите засегнати страни – вели министерот Арбер Адеми во интервју за „Независен весник“.

Резултатите од овие тестови нема да влијаат на успехот на учениците и на платата на наставниците, како што беше случај со екстерното тестирање кое беше укинато. Резултатите, како што во МОН веќе објаснија за „Мета“, ќе се користат за да се скенира состојбата и врз нивна основа ќе се креираат понатамошните образовни политики.

Неодамна образовни експерти за „Мета“ изјавуваа дека национално тестирање е неопходно за да се скенира фактичката состојба во системот на образование. Ставовите, пак, на практичарите, односно на наставниците и професорите се поделени.

За да може да се знае за овие состојби, потребна е точна информација, а тоа може да се постигне со националното тестирање. Иако не може сè да се провери со еден тест, сепак тој е важен и потребен. Националното тестирање сметам дека е подобро конципирано од екстерното и е порелаксирано, бидејќи реално мислам дека не би ги потресло учениците и наставниците – вели проф. д-р Кирил Барбареев, проректор и професор на Факултетот за образовни науки во Штип.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани