Нема да се гради депонија во Годивје, министерството се токажа, се бара нова локација, надвор од сливното подрачје на Охриското езеро.
Под притисоците на стручната јавност и населението на Дебрца кое под никакви услови не попушташе да се гради депонија во еколошки чистата средина во Дебрца, се напушти таа идеја.
Второстепената владина комисија го поништи решението според кое локација во атарот на село Годивје беше посочена како место каде би била изградена регионална депонија со постројка за третман на отпадот, а предметот повторно е вратен на разгледување во ресорното Министерство за животна средина и просторно планирање.

– Нашето мислење и сите еколошки аргументи укажуваат дека Дебрца како дел од сливното порачје на Охридското Езеро не смее да биде локација каде би се градела таква постројка. Како Општина сме свесни за потребата од решавање на проблемот со отпадот, но со оглед на тоа што Југозападниот плански регион зафаќа девет општини од кои повеќето надвор од сливот на Охридското Езеро, решението треба да се бара на друго место, истакна градоначалникот на Дебрца Зоран Ногачески.
Државниот секретар во Министерството за животна средина и просторно планирање, Ана Петровска, појасни дека ревидирана е студијата и напуштена е идејата што предвидуваше регионална санитарна депонија да се гради во Дебрца.
– Ние ја напуштивме таа идеја, таа идеја за изградба на депонија во Годивје, дури ја анализираме можноста заради поекономично управување со отпадот таа дури и да не биде во сливот на Охридското Езеро, што всушност и беа заложбите на граѓанските организации. Правиме сериозни чекори да постапиме и по барањата на локалното насление, но и да биде обезбеден современ систем за управување со отпад, рече Петровска.
Таа додаде дека во тек се активности на консултантите по предметот, се разгледуваат можностите, а сценарија упатуваат и на можност охридскиот регион отпадот да го носи во Битола.
