Охрид се подготвува за манифестацијата „ЗА ПОСРЕЌНО ДЕТСТВО“

Црвен крст Охрид ја најавува традиционалната хуманитарна и спортско-рекреативна акција  „ЗА ПОСРЕЌНО ДЕТСТВО“ која ќе се реализира на 21 септември 2019 г.

Овој настан кој е со широко општествено значење, ќе започне во 11 ч. со „главна трка“ на младите чиј старт ќе биде од плоштадот „Крушевска република-Чинар“, а цел на градскиот плоштад „Климент Охридски“, каде ќе продолжат спортските, културно забавни и здравствено-едукативни содржини проследени со голем број награди.

Учество на овој настан се обезбедува со купување на учеснички број кој чини 30 денари. Средствата собрани од продажбата на учеснички броеви за акцијата, ќе бидат наменети за помош на децата со здравствени потешкотии од социјално загрозените семејства во Охрид и Дебарца. Секој кој ќе купи учеснички број ќе има можност да се натпреварува во бројни спортски дисциплини: фудбал, баскет, одбојка, ракомет, тенис, бадминтон, шах, пикадо, возење велосипед, аеробик и друго, со што станува потенцијален добитник на награда во големата наградна игра со преку 50 вредни награди (седумдневно зимување на Златибор, петдневен престој во Крагујевац, петдневен престој во Суботица, викенд во Крушево, курсеви за странски јазици, компјутерска галантерија и др.) кои ќе бидат извлекувани во живо на една од локалните телевизии.

Традиционален партнер на акцијата „ЗА ПОСРЕЌНО ДЕТСТВО“ Стоматолошки Центар Д-р Баткоски и оваа година подготви голем број награди и изненадувања, како и бесплатни корисни совети и препораки за правилна  грижа и заштита на здравјето на устата и забите кај децата и возрасните, а настанот е поддржан и од Асоцијацијата на спортови „Спорт за сите-сите за спорт“ и Сојузот на училишен спорт, информираат организаторите. 

Продажбата на учесничките броеви е веќе во тек.  Мобилните тимови на волонтери на Црвен крст Охрид ќе бидат достапни со учесничките броеви на повеќе пунктови во градот, а учесничките броеви ќе можат да се набават и во просториите на Црвен крст Охрид, ул. Димитар Влахов бр. 52.

 

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани