Започна со работа фабриката на компанијата „ОДВ електрик“ во Технолошко-индустриската развојна зона Охрид/Струга.
„Компаниите, каква што е и „ОДВ електрик“, се добредојдени во Македонија и ќе бидат сестрано поддржани. Новите инвестиции што ќе се вклучат во новата програма за поддршка, која вчера ја промовиравме, ќе бидат уште посилно поддржани од Владата. Доколку „ОДВ електрик“ немаше потпишано договор за државна помош и сега донесеше одлука за инвестиција, јас ви гарантирам дека државната поддршка би била и повисока“, истакна вицепремиерот.
Во новиот погон работата 7 производни линии,а до сега се вработени 220 лица кои претходно поминале обука во Украина. Вработени се задоволни од условите за работа кои им ги нуди компанијата.
– До крајот на 2017 година ќе бидеме околу 250 колешки и колеги, а до крајот на 2018 ќе бидат вработени околу 300 соработнички и соработници. Ова ја покажува целата динамика на ОДВ, но исто така и неопходноста од дополнителни квалификувани колешки и колеги од Македонија, истакна Мартин Ехрет извршен директор на ОДВ.
Според изјавите на менаџментот на „ОДВ електрик“, оваа компанија досега инвестирала 4,7 милиони евра во изградба на производствениот погон и набавка на опрема и во неа работат 220 лица.
Компанијата „ОДВ Електрик“ својата филијала во Охрид ја основаше во јуни 2014 година, а со пробно производство на авто-компоненти во веќе постоечки капацитет во Охрид почна во јануари 2015 година. Градбата на новата сопствена фабрика во ТИР-зоната Охрид/Струга со површина од 10 илјади метри квадратни започна во октомври 2015 година.