Почнува санацијата на колекторскиот систем во охридско-струшкиот регион за прочистување од наслагите и корењата од дрвјата и рехабилитација на цевководот на колекторот.
Премеирот Заев соопшти дека ќе бидат заменети сите редуктори на сите 18 препумпни станици, ќе се санира целиот систем за прочистување на отпадните води во пречистителната станица и ќе се изврши комплетно чистење на атмосферската и канализационата мрежа во должина од околу 300 километри во Охрид и Струга.

За оваа намена се обезбедени 4,2 милиони евра од Буџетот на државата.
Во соопштението се наведува дека решавањето на сложениот и сериозен проблем затекнат со колекторскиот систем за прочистување на отпадните води во охридско-струшкиот регион беше еден од приоритетите на Владата на кој беше посветено посебно внимание уште на стартот на мандатот.
–Лошата изведба во некои делови, како и негрижата и неодржувањето на сите сегменти на колекторскиот систем за прочистување на отпадните води создадоа сериозна еколошка опасност за Охридското Езеро и за приодните убавини и реткости во неговото опкружување, стои во соопштението.
Се додава дека од стручната анализа на една јапонска компанија во 2014 година, направена со роботизирана технологија, констатирано е дека на неколку места колекторот речиси и да не постои заради лошата изведба и неодржувањето на бетонскиот цевковод. Во поголем дел колекторот е запушен или слабо пропустлив поради насобрани наслаги од отпад и поради корења на дрвја, исто како и атмосферската и канализациската мрежа. Од 18 препумпни станици само една или две работат повремено, а самата пречистителна станица е речиси без функција бидејќи не се сервисирале и не се заменувале дотрајаните делови.
–Сознанијата за последиците од оваа состојба биле познати со години наназад и ништо не било преземено. Посебното значење за охридско-струшкиот регион како светското природно и културно наследство, заслужува посебни мерки на заштита. Затоа беше создадено посебно, издвоено Јавно претпријатие колекторски систем кое ќе ги реши со години натрупаните проблеми. Помогнавме да се порамнат долговите на ЈП „Проаква“, како и долговите на општините кон ова претпријатие за да добиеме чист старт за новото ЈП Колекторски систем. Охридското Езеро како заштитено подрачје опфатено на УНЕСКО е наша гордост, но и грижа на сите нас, и затоа следува комплетна санација на колекторскиот систем за да покажеме дека знаеме и дека се грижиме за нашите скапоцености, и тоа оваа Влада ќе го докаже, рече Заев.
Директорот на ЈП Колекторски систем Владимир Алексијоски истакна дека благодарение на Владата на РСМ, која ги поддржа сите иницијативи на ЈП Колекторски систем од основањето на почетокот на оваа година, за една година овозможи да се започне со санација на колекторскиот систем за прочистување на отпадните води и фекалните води во Охрид и Струга.
–Наредната туристичка сезона ќе отпочне без тековните проблеми со кои се соочивме. Со средствата издвоени од Владата на Северна Македонија ја започнавме постапката за санација на колекторскиот систем. Сите точки каде што имавме целосно запушување на цевководот ќе бидат пробиени и ставени во функција. Со технологијата „цевка во цевка“ ќе се подобри протокот на фекалните води, ќе се изврши санација на редукторите на препумпните станици, за да се обезбеди целосно пренесување на фекалиите до пречистителната станица која повеќе од една година воопшто не функционираше“, информираше директорот на ЈП Колекторски системи Владимир Алексијоски.
