Тероризмот, верскиот екстремизам, нелегалната миграција, сајбер нападите, а особено хибридните војни, нема да исчезнат, рече претседателот Пендаровски во своето обраќање на безбедносниот форум на поранешни алумни на Маршал Центарот,што деновиве се одржува во Охрид.
Претседателот меѓу другото, истакна дека е свесен дека најефикасниот начин за справување со нетрадиционалните безбедносни закани кои се наоѓаат високо на агендата на НАТО, која сега е и наша агенда, е да се соочиме со нив заедно.

-Сите страни имаат корист од нивниот придонес кон заедничките напори на Алијансата преку размена на информации и здружување на ресурсите на земјите членки и земјите партнери. Исто така истакнав дека со влезот во НАТО, ќе седиме на иста маса и подеднакво ќе имаме право на глас. Тоа ќе значи и дека 29 земји ќе се залагаат и ќе не штитат нас и нашата безбедност. А знам дека безбедноста е темел на просперитетот и на економските можности. Денеска во Охрид потенцирав дека целта на Северна Македонија не е да биде само номинална членка на Алијансата, туку да бидеме земја членка којашто ќе се грижи за пошироките безбедносни предизвици на Алијансата и којашто активно ќе придонесува за безбедноста на глобално ниво. Како полноправна членка на Алијансата, како Претседател силно ќе го поддржувам активното учество на Северна Македонија во активностите и операциите на НАТО Алијансата, додаде Пендаровски.
