Пробниот попис на населението, домаќинствата и становите започнува денеска.
Државниот завод за статистика (ДЗС) денеска ќе започне со теренски активности за пробниот попис на населението, домаќинствата и становите, што ќе се спроведе во 32 пописни кругови. Струга е една од 13 општини во државата каде ќе се реализираат пописните активности, што се предвидени и во Гостивар, Кисела Вода, Зелениково, Штип, Радовиш, Куманово, Свети Николе, Кратово, Прилеп, Долнени, Кичево и Валандово. Според ДЗС, основната цел на пробниот попис е тестирање на подготвените методолошки, организациски и IT решенија за примената на новиот комбиниран методолошки пристап во Пописот на населението, домаќинствата и становите во 2020 година. Пробниот попис се спроведува исклучиво за статистички потреби и од него нема да произлезат податоци, туку само информации за оперативно-техничката подготвеност на сите инструменти за успешно спроведување на оваа најголема статистичка операција во 2020 година.