Денес точно на пладне па во наредните денови во организација на Еко-свест во Охрид ќе се случува Охридско Еко Лето.
Настанот ќе се одржи од 26 – 30 Јули во Хотел Метропол, Охрид.
Покрај тоа што се ризница на културно наследство и археолошки локалитети, Охридското крајбрежје и планината Галичица се и подрачја со исклучителни природни вредности, ендемски и ретки видови флора и фауна, меѓу кои и такви кои содржат информации за еволутивниот процес на Земјата.
-Токму заради изедначување на важноста на културното со природното наследство ние решивме настанот да го организираме за време на културните збиднувања во градот Охрид.
Поради своите природни вредности регионот има многу можности за развој, меѓутоа токму развојот е причина за најголемите проблеми на Охридското крајбрежје, информираат организаторите.
И затоа секој ден од Охридско Еко Лето го структуриравме околу различна тема: Природа, ЕкоТуризам, Маврово, Одржливо живеење и Справување со отпад. Целта е да погледнеме документарен филм на темата кој подоцна би покренал дисусија на проблемите и наоѓање на можни конструктивни решенија во насока на зачувување на природното и културно богатство на овој значаен регион.
Сите настани се организираат во најжешкиот период од денот, помеѓу 12:00- 15:00 часот, а ние сакаме да ги поканиме сите кои деновиве ќе бидат на Охридското крајбрежје на дружба и креативност и да ни помогнат Охридско Еко Лето да стане дел од традициите на регионот.