Пулмологот Танасоска: Ме загрижува бројот на заболени млади лица, но и непочитувањето на мерките од младите

Билјана Танасоска, специјалист пулмолог на Инфективното одделение во Општата болница во Охрид: Ме загрижува бројот на заболени млади лица, но и непочитувањето на мерките од младите.

Повеќе од година дена здравствените работници ги живеат најтешките денови во своите професионални ангажирања. Постојано во борба за спас на сечиј човечки живот, без одмор, тие се хероите во првите редови против коронавирусот. Уморот им се гледа на лицата кои имаат насмевка само кога отпуштаат оздравени пациенти дома.

„Многу тешка година, постојано персоналот е премногу оптеретен, од лекари до сестри, помошен медицински персонал но издржуваме. Имаше период каде голем дел од персоналот беше заболен, но со принципот на ротации се изборивме некако и со овој проблем. За жал бројките растат, се соочуваме со третиот бран на овој опасен вирус. Преполни сме иако бројката дневно се менува, оздравените се испишуваат, доаѓаат новозаболени но сме многу оптеретени“, вели доктор Билјана Танасоска, специјалист пулмолог на Инфективното одделение во Општата болница во Охрид.

Доктор Танасоска ја загрижува се` поголемиот број млади лица заболени од ковид-19 но и непочитувањето на мерките за заштита посебно од страна на младите.

„За жал има доста пациенти со тешка клиничка слика. Во овај бран се соочуваме и со доста помлади пациенти. Бројката со помлади пациенти со тешка клиничка слика во првиот бран беше далеку помала. Ваквата состојба ме загрижува, но повеќе ме загрижува групирањето на младите. Препораките за максимално носење заштитна маска и држење дистанца не се почитуваат во целост“, вели таа.

Корона пандемијата го промени животот, додава Танасоска, но се надева на совесност кај секој еден за да се стави крај на ужасот со кој секојдневно се соочува додека е во ковид-центарот во Охридската болница.

„Животот ни се промени и приватно и професионално. Не можеме да се видиме со семејството со нашите блиски,  за жал. Од друга страна имаме многу малку слободно време. И кога сме дома постојано имаме телефонски консултации со колегите за нашите пациенти. Животот многу се промени, да се надеваме дека за брзо време ќе се вратиме назад но сепак мислам дека уште долго време ќе мора да живееме со пропишаните протоколи за заштита од ковид-19. Вакцините за масовна имунизација треба што поскоро да дојдат за да се заштитиме од овај вирус“ додава докторката , која вели дека и покрај заштитата која ја има медицинскиот персонал при работа стравот од зараза сепак постои.

„Голем дел од персоналот заразата си ја однесовме и дома. Охрабрувачки сега е тоа што поголемиот дел од медицинскиот персонал се вакцинира. Јас за среќа поминав со лесна клиничка слика, бев меѓу првите од персоналот кој заболе од коронавирусот, но за жал немаа сите среќа како мене. Моето тело полесно се избори, но некои од моите колеги беа и хоспитализирани, на кислородна поддршка. Исто така имав среќа што кренав температура за време на дежурство па одма после тоа се изолирав, со што ги заштитив моите дома. 25 дена немав никаков контакт со никого и за среќа никој до сега не се разболе“, раскажува доктор Танасоска.

Во Охрид има случаи на повторно заразување со ковид-19. Двајца од нив завршиле на Инфективното одделение со реинфекција а и во двата случаи биле со тешка клиничка слика. Се заболеле повторно после три месеци што според доктор Танасоска станува збор за нова инфекција.

Британскиот сој на коронавирусот доминира во Охрид. Многу побрзо се пренесува а пациентите многу порано развиваат симптоми.

За медицинскиот персонал не постојат слободни денови. Се работи 24 часа. Доктор Танасоска вели дека ова е голема здравствена криза и нема простор за одмор.

„Смртта најповеќе ме погодува и за жал секојдневно се соочуваме со таа страшна слика. Има пациенти со многу тешка клиничка слика, се борат за воздух. Има семејни трагедии кога ќе изгубат член од семејството, брачен партнер, родител, дете….навистина е нешто што е премногу болно“, вели Танасоска.

 Бројките од над 50 новозаразени дневно, според неа, се загрижувачки. Проблем е и се помалиот број слободни болнички кревети. Модуларната болница за само неколку дена од нејзиното пуштање се исполни до последно место. Персоналот е истоштен, сестри, болничари, хигиеничари буквално сите се со крајни сили. Се работи постојано со маски, скафандери, ракавици, наочари, визери, каљачи.

 

ВИДЕО

 

   Текстот е изработен во рамките на  кампањата  „Здравствените работници се нашите херои – со нив се гордееме“, како поддршка во најголемата  здравствена криза во историјата. 

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани