Елена Папандреу, една од големите грчки гитаристки со меѓународна кариера, синоќа приреди романтична вечер.
На фестивалот „Охридско лето“, синоќа инструменталниот виртуозитет и нагласените емотивни бранувања создадоа амбиент на духовна релаксација кај публиката која ја награди оваа голема уметница со стоечки овации.
–По одржувањето концерт, секогаш сум уморна, но и среќна истовремено. Се радувам вечерва на возвратниот одговор од страна на публиката. Настапив во прекрасна црква што има совршена акустика.Чест ми е да бидам дел од „Охридско лето“ кој важи за најстар и најважен фестивал во Европа. Првпат настапувам овде и сум многу благодарна за поканата, изјави Папандреу по завршувањето на концертот кој ќе остане запаметен по врвен артизам на прекрасниот инструмент, гитарата, чии романтични звуци се разлеваа под сводовите на „Света Софија“.
Папандреу изведе дела од Манос Хаџодакис, Роланд Дајенс и Ариел Рамирез од кои најголемиот дел се аранжирани од Роланд Дајенс и Орестис Калампаликис и и’ се посветени токму неа.
-Голема чест е да имаш дела што се наменети за тебе. Тука е Ролан Дајенс(1955 – 2016) кој е звучно име во светот на гитарата. Од друга страна, тој многу ја сакаше музиката на Манос Хаџидакис, грчки композитор кој направи други аранжмани за група гитари. На некој начин јас го продолжувам сонот, идејата, да снимам музика на Хаџидакис аранжирана токму од Роланд Дајенс и Орестис Калампаликис, рече грчката уметница.
Елена Папандреу свири на гитара што е направена Игнасио Флета, еден од најголемите шпански изработувачи на жичани инструменти.
-Да, свирам на гитара што е направена од Игнасио Флета. Таа припаѓа на мојот сопруг Оскар, но тој неодамна се одлучи да ми ја подари мене и сум многу среќна заради тоа, додаде Папандреу.
Нејзината музичка кариера е многу богата. Настапува најпрестижните концертни подиуми во повеќе од 40 земји во светот. Соработува со признати музичари меѓу кои гитаристите: Оскар Гилиа, Алирио Дијаз, Роланд Дајенс, Никита Кошкин, Евангелос Будунис, виолинистот Леонидас Кавакос и виолончелистот Леонид Горохов. Настапува како солист со оркестри во Грција, Италија, Романија, Турција, Мексико и Сингапур.Елена Папандреу е професор на универзитетот во Солун, Грција.
Концертот го проследија и голем бриј стански туристи, а во публиката беше и конзулот на Република Грција во Република Северна Македонија , Николаос Каралекас.