Со концерт на „Танец“ отворено 63. издание на Балканскиот фестивал

Со концерт на ансамблот „Танец“   синоќа во Центарот за култура „Григор Прличев“, почна 63. издание на Балканскиот фестивал на народни песни и игри.

Традиционално фестивалот беше отворен од  покровителот, Потпретседателот на  македонското собрание, Антонијо Милошоски, а во име на  охридскиот градоначалникот  пред  присутните се обрати Претседателот на Советот на Општина Охрид, Перчо Божиноски.

 

– Дозвоолете да ја изразам мојата искрена радост што ноќва  по 63 пат тука во нашиов прекрасен Охрид го славиме раѓањето на најстариот меѓународен фолклорен  фестивал „Балканскиот фестивал на народни песни и игри“.

 Овој настан е од огромно значење за одржувањето на   фолклорните, обичајните, етнолошките,  културните и над сè, пријателските врски со сите земји на Балканот, чии што играорци  ќе продефилираат овие денови по старата охридска чаршија и древнината на нашиот град.  Преку танцот и музиката се воспоставува соработката, се споделува   културното богатство на народите и се  изразува почит кон своето, меѓутоа и кон туѓото. Тука, низ преплетувањето на различните историски приказни што ги претставува секој ансамбл, секоја песна и оро, се запознаваме, разбираме, изразуваме почит и на  ненаметлив и пријатен начин ги отфрламе сите предрасуди  кон се што ни е непознато и страно.

Славењето на уметноста e најубавиот начин на промоција на  секоја држава.  Затоа сите ние имаме должна  почит кон оваа манифестација која овозможува афирмирање и промовирање на различните културни богатства на народите на Балканот. 

 Во минатите и годините пред нас уесниците на фестивалот преку музика и танц  ја испраќаат универзалната порака на прифаќање на различностите.  Различности кои имаат допадлив специфичен ритам кој не се заборава. Нема човек што не може да ги  препознае, нашето македонско оро „Тешкото“,  танцот на  познатата „Шота“ или грчкото  „Сиртаки“.

 Вечерва и во фестивалските ноќи што се пред нас сите ние ќе уживаме во балканската музика и ора, уникатни, специфични, препознатливи, различни но  во исто време од сите нас, балкански народи.

 Во оваа прилика ја изразувам мојата благодарност и почит кон сите инволвирани чинители кои 63 лета  неуморно создаваат и креираат услови  за одржување на оваа грандиозна фолклорна манифестација која по многу нешта е единствена во Светот. Преку неа го гледаме културното битисување на балканот, спакувано во неколку ноќи. 

 На учесниците на фестивалот им посакувам пријатен престој во убавиот Охрид- балканскиот Ерусалим во кој  под  тврдините на Цар Самуил се „кријат“ 365 цркви за секој ден од годината. Тука ќе се вратите  во климентовото време и словенското описменување , а во исто време ќе посетите модерни локали долж Охридската ревиера- рече Божиноски.

Традиционално пред почетокот на фестивалот, учесниците   продефилираа низ охридската чаршија разубавувајќи го амбиентот во Охрид.

Љубителите на фолклорот годинава ќе ги проследат настапите  на ансамбли и културно-уметнички друштва од државава, Бугарија и Австралија. Влезот за сите концерти е слободен, а настапите на учениците на 4 и 5 јули се со почеток во 20:30 часот на сцената Долни сарај или во Центарот за култура „ Григор Прличев “, во зависност од временските прилики.

 

 

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани