Охридскиот градоначалник смете дека мора да има регионална депонија, но проблемот е само локацијата, нешто што најмногу ги засега граѓаните.
Според него потребни се корекции во физибилити студијата.
– Сметам дека треба да има корекции во физибилити студијата и тие корекции најверојатно кога ќе седнат на маса претставнци од ресорното министерство, премиерот и претставници на општините од југозападниот регион, кога ќе има добра елаборација ќе дојдеме до заедничко решение кое ќе биде од полза за сите граѓани. Треба да се седне да се разгледа студијата, а многу од граѓаните не знаат што таа содржи, заради тоа што јавната презентација не е извршена на соодветен начин, смета охридскиот градоначалник.
Македонија до 2020 година ќе мора да го реши проблемот со дивите депонии. Идејата за регионална депонија во Дебрца е стара неколку години. Најнапред, со средства на ЕУ, беше изработена стручна студија за најповолни локации за изградба на регионална депонија во Југозападниот плански регион во кој спаѓаат општините Охрид, Струга, Дебрца, Вевчани, Дебар, Центар Жупа, Кичево, Македонски Брод и Пласница. Во неа беа посочени 4 локации, а како најпогодна за изградба на регионална депонија се издвојува село Годивје во општина Дебрца. Но, жителите на Дебрца преку референдум и протести цврсто кажаа НЕ на владината намера за изградба на регионална депонија кај селото Годивје.