Утре Лазарова сабота, недела Цветници

Утре е Лазарова сабота , а недела Цветници.

Лазарици или Лазаровден — еден од поголемите христијански празници од пролетниот циклус којшто е променлив празник и секогаш се паѓа еден ден пред Цветници, кои се точно една недела пред најголемиот празник Велигден.

На овој ден се споменува чудесното воскресение на четиридневно упокоениот Лазар извршено од Исус Христос. Овој настан бил на шест дена пред предавството и убиството на Христос на Голгота. На Лазарева сабота обичај е да се носат гранчиња од врба што симболично претставува свечено Христово влегување во Ерусалим, каде што го пречекале следбениците. Во Македонија овој празник има големо значење и масовно се прославува низ целата земја. Од раните утрински часови групи девојчиња облечени во традиционална невестинска облека одат низ населените места и пеат лазарски песни. Има повеќе лазарски песни и се користат според личниот, семејниот или општествениот статус на лицето за кое е наменета песната. Песните обично се со оптимистична и духовита содржина и посакуваат здравје, успех и напредок.

Според житието Исус веќе четврта година го проповедал своето учење, а бидејќи за Пасха мноштво народ доаѓал во Ерусалим за да го прослави празникот и Исус по четврти пат доаѓал како учител. Но тогаш разбрал дека неговиот пријател Лазар од Витанија е тешко болен. Исус веднаш се упатил тамо но стигнал четири дена по неговата смрт и по погребот. Сестрите на Лазар, Марта и Марија го прекориле Исуса велејќи му дека ако дојдел на време немало Лазар да умре. Марта уште му рекла: „Господи, ако беше Ти овде, немаше да умре брат ми. Но и сега знам што и да посакаш од Бога, Бог ќе ти даде“. Легендата вели дека Бог сакал Лазар да умре за врз него да се манифестира силата Божја. Кога дошол до гробот Исус го повикал Лазара: „Лазаре, излези надвор“. И Лазар веднаш излегол завиткан со платно на рацете и нозете и со крпа околу лицето. Сите што го виделе тоа се почудиле и поверувале дека Исус е синот Божји. Со овој чин Исус уште повеќе се здобил со слава. И пак се упатил кон Ерусалим.

 

Влегување на Господ Исус Христос во Ерусалим – Цветници 

 Кога Царот, седејќи на осле, влегол во Ерусалим, сите луѓе – деца, возрасни, старци, простирајќи ја својата облека и со палмови гранчиња во рацете, кои се симбол на победата, брзо Го пресретнале, како Животодавец и Оној Кој ја победил смртта. Паднале на колена пред Него и потоа оделе по Него, не само на влезот од градот, туку и во самото свето место, гласно пеејќи: „Осана на Синот Давидов! Осана во висините!“ Пофалната песна „Осана“ се вознесува бидејќи во превод значи „Слава“. Додавајќи „во висините“, покажале дека Тој се прославува со песна не само на земјата и не само од луѓето, туку и од ангелите на небото. Значи, како деца, посетени од Светиот Дух, тие на Господ Му принеле совршена и потполна химна, сведочејќи дека Тој, како Бог, го оживеа четиридневниот мртовец Лазар… Како што во Исус Христос, како што кажува Божјиот апостол, нема ни машки ни женски пол, ни Елин ни Јудеец, туку сите се едно, така во Него нема ни кнез ни потчинет, туку сите ние преку верата во Него и Неговата благодат сме едно. Наоѓајќи се во Неговото Тело, во Црквата, ние имаме една Глава – Него; благодатта на Светиот Дух соединува само во еден дух; сите сме примиле едно крштение и сите имаме една надеж; и еден е нашиот Бог, над сите и преку сите, и во сите нас. Значи, да се љубиме еден со друг, да се трудиме еден за друг, бидејќи сме соединети едни со други. Знакот според кој н? познаваат дека сме Негови ученици е љубовта, и тоа е Татковото наследство, кое Тој ни го остави заминувајќи од овој свет. И последниот совет што ни го даде при заминувањето кај Својот Отец ја утврди нашата меѓусебна љубов. 

 

Social profiles