Во Струга нема да се уриваат објектите на плажите.
Додека во Охрид се уриваат објектите на плажите во соседна Струга угостителите се подготвуваат за летната туристичка сезона и непречено опслужуваат посетители. Градоначалникот Рамиз Мерко и натаму на истиот став, треба да се гради за привлекување на што повеќе туристи. Плажите треба да бидат уредени за гостите да може да уживаат во благодетите во крајбрежието , а не празни, запуштени и полни со отпад.
Мерко тврди, струшките концесионери плаќаат редовно закупнина на општината.
-„Ние не мислиме негативно, ние секогаш размислуваме позитивино. секогаш велам дајте да градиме туристички капацитети дека се бараат, а ние како локална им стоиме на располагање, ние сакаме да имаме привлечен град , не само за туристи од државата туку од цел свет. Сите атрактивни туристички дестинации треба да бидат уредени со угостителски локали каде туристите ќе може да уживаат “ , вели Рамиз Мерко градоначалник на општина Струга.
Во однос на палењето на трската во Калишта, што редовно се случува пред туристичката сезона , струшкиот градоначалник е дециден дека нема да дозволи дивоградби на тој потег. Со одлука на совет задолжени се јавните претпријатија да ги исчистат сите јавни површини покрај брегот, но тврди градби нема да има.
– „Нема шанса некој да гради во тој дел каде е јавен имот. Особено ние како локална самоуправа еве јавно кажувам нема да дозволиме во никој случај некој да гради тврди градби во тој потег. Сите тие гласини дека ќе се градат хотели, тврдам дека се инсинуации и невистини. Тоа е општествен јавен имот и припаѓа на сите“, додава Мерко.
Покрај десеттината угостителски објекти, кои работат на градските плажи во Струга, во струшко Радожда има уште десеттина летни тераси, кои не се совпаѓаат со Планот за управување со Охридското езеро и се косат со препораките на Унеско.
Од охридска страна, пред една седмица, продолжи уривањето на објектите на плажите во населбата Лагадин. Градоначалникот на Охрид Константин Георгиески со спротивно мислење од струшкиот колега, вели нема да има отстапувања, сите нелегални објекти на плажите ќе бидат отстранети пред туристичката сезона.
