Водата во Охридското езеро е со најсвисока прва класа, со одличен микробиолошки квалитет. Ова го покажале микробиолошките и санитарно-хемиски анализи кои Центарот за јавно здравје ги врши пред почетокот на туристичка сезона. Испитувањето на квалитетот на водата во Охридското езеро е вршено во втората половина на мај и почеток на јуни на земени примероци од 39 локации на потег од Св Наум до Радожда и реките кои се вливаат во езерото.
„Најголема деградација, односно опаѓање на квалитетот или постојан неквалитет на водата, што не е ново, има во реките коишто се вливаат во езерото, тоа се Велгошка, Коселска и Сатеска каде водата микробиолошки е незадоволителна , а хемиски квалитет спаѓа на трета класа што значи дека сите овие реки се потенцијални загадувачи на езерото.“ – вели директорот на Центар за јавно здравје Охрид, Сашо Точков.
И понатаму црна точка е и водата во каналот кај Едриличарски сојуз каде со години се влева отпадна вода од цевка и таму примерокот на водата е од петта класа, додека водата во Студенчишкиот канал од трета категорија хемиски, а микробиолошки со незадоволителен квалитет.
Но генерално на стартот на сезоната водата, на сите испитани лоокации на крајбрежјето, е со висок квалитет и ги исполнува сите законски услови за да се користи за капење, спорт и рекреација, вели Точков.
„Благодарение на високата моќ на езерото за самопрочистување, која пак, морам да напомнам , не е бесконечна, сите оние примероци кои се земени од крајбрежјето и 15 метри од брегот се со добар квалитет , со одличен квалитет. Немаме вода која што е под втора класа. Сите се од прва класа и само еден примерок е од втора.“ – посочува Точков.