Зајакнување на капацитетите за справување со катастрофи, се воведува и систем за командување

Поплави, пожари и невремиња – ризиците од елементарни непогоди се менуваат и стануваат сè поголем предизвик за институциите. Општините и надлежните служби мора постојано да ги прилагодуваат капацитетите и начинот на реагирање. За првпат во земјава ќе се воведува систем за командување во кризите, со примена и на вештачка интелигенција.

Системот треба да овозможи подобра координација меѓу институциите и увид во случувањата на терен, како на локално, така и на национално ниво.

„За прв пат ќе воведеме систем за командување, кој што ќе овозможи сите институции што се вклучени во она што се случува на терен, оние што донесуваат одлуки на национално ниво, но и на локално ниво, да можат да видат што се случува. И во делот околу НАТО проектот NICS2, за прв пат ќе се воведе и вештачка интелигенција во делот на донесувањето на одлуки“, рече Урим Вејсели, фокална точка на УНДРР за Северна Македонија.

Според него, подготвеноста за справување со катастрофи треба постојано да се унапредува, бидејќи ризиците не се постојани и постојано се менуваат. Новите проекти треба да помогнат во подобро поврзување на локалната и централната власт и во зајакнување на капацитетите на општините.

Од УНДП посочуваат дека, покрај технологијата, потребни се и човечки и институционални капацитети, финансиски средства и јасна поддршка од носителите на одлуки.

„Ако можам да посочам каде треба да се вложат повеќе напори за да се подобри подготвеноста, тоа се капацитетите, финансирањето и политичката волја“, рече Армен Григоријан, постојан претставник на УНДП во Северна Македонија.

Од Центарот за управување со кризи велат дека досегашното справување со пожарите и другите елементарни непогоди покажува дека постои напредок, но подготвеноста мора континуирано да се унапредува.

„Она што го имаме добро се покажа оваа година. Од пожарите немаме ниту една жртва, ниту некои големи објекти запалени од пожар. И кај поплавите и елементарните непогоди се преземаат мерки“, рече Мухамет Али, директор на ЦУК.

Размена на искуства, зајакнување на локалните капацитети и подобра заштита на граѓаните од последиците на природните непогоди се во фокусот на годишниот состанок на мрежата „Making Cities Resilient 2030“, кој се одржува во Струга.

На состанокот, кој трае два дена, учествуваат претставници на општините и релевантните институции, со цел размена на искуства и зајакнување на локалните капацитети за намалување на ризиците од катастрофи и градење поотпорни заедници.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани