Повеќе од 1.500 учесници денес се дел од првото издание на големата ЕКО акција за чистење на крајбрежјето на Охрид „Мој Охрид, чист Охрид“.
– Интересот е навистина огромен и на наше огромно задоволство охриѓани ја препознаа акцијата како своја и масовно се пријавуваат за учество на истата. До овој момент имаме пријавени околу 1.500 учесници, а испраќаме апел и до сите други да дојдат во најблиската зона до нив и да помогнат да го направиме нашиот прекрасен Охрид уште поубав. Оние кои ќе бидат спречени да дојдат на лице место, нека направат своја „мини акција“ во домовите, зградите, фирмите и секаде каде се во можност. Организирани се сите технички делови на акцијата и извршена е детална координација со одговорните во ЈП „Охридски комуналец“ и општина Охрид, порачуваат организаторите.

Ќе се чисти на потегот од населбата Воска до хотелот „Десарет“, поделен на 9 реони. Првиот реон е комплетно чистење на плажата кај Воска, следен реон е Стариот град, потоа потегот од мостот до плажата „Golden beach“, потоа до „Славија“, зона 5 е од „Славија“ до хотел „Аквалина“, потоа до хотел „Гранит“, следната зона е до хотел „Метропол“, зона 8 е од хотел „Метропол“ до плажа „Атлантис“ и последниот реон е до Пештани и хотел „Десарет“. За сите учесници се обезбедени вреќи, вода и ракавици, а посебни екипи на охридскиот Црвен крст со медицински ранци ќе се при рака при евентуални поситни повреди. На крајот на акцијата, вработените во ЈП „Охридски Комуналец“ ќе го соберат ѓубрето и ќе го однесат на соодветна локација.
