Три вековни дрвја опстојуваат во дворот на Св.Софија.
Во еден агол во дворот на црквата „Св. Софија“ опстојуваат три дрвја од родот павловнија, поточно од видот павловнија томентоза (paulownia tomentosa), и со години го будат љубопитството на многубројните посетители. Според кажувањата на постарите граѓани, а тоа се гледа и на стари фотографии, сè до средината на минатиот век на местото на дрвјата стоеле камбанарија и повисока ограда околу црковниот двор.Црквата Света Софија се наоѓа во стариот дел на градот Охрид во југозападниот дел на Република Македонија. Посветена е на Христос како божествена премудрост, т.е. св. Софија. Оваа црква претставува еден од најзначајните знаменитости во Македонија со нејзината средновековна архитектура и фрески.Ова е една од најголемите средновековни цркви на овие простори. Во еден долг временски период таа била соборна црква на Охридската архиепископија, која својата црковна власт ја протегала на територијата на север од Дунав, до албанските брегови на запад и до Солунскиот Залив на исток.Живописот на оваа црква бил од врвен дострел во средновековното сликарство во Македонија и пошироко. Тоа е времето кога Охрид бил под непосредна власт на Цариградската патријаршија. Станува збор за најзначајните зачувани делови на византиското монументално сликарство. Ктиторот на живописот, архиепископот Лав, еден од најобразованите луѓе во тоа време, непосредно влијаел при изборот на композициите што се насликани во XI век. Внатрешноста на црквата е зачувана со нејзините фрески од XI, XII и од XIII век, кои го претставуваат врвот на византиското фрескосликарство во своето време. Главниот дел од црквата е изграден во XI век, додека надворешните надградби се изградени по наредба на архиепископот Григориј.Повеќе од шеесет насликани фигури на најистакнати патријарси, епископи и ѓакони се распоредени на долните површини на сите делови во олтарскиот простор. Најбројни и најугледно место, во централниот дел на олтарот, се ликовите на поглаварите на Цариградската патријаршија: свети Василиј, свети Јован Златоуст и свети Григориј Богослов, насликани во долниот појас, меѓу прозорите на главната апсида. Фигурите на шестмината римски папи се насликани во страничниот простор на ѓакониконот; со тоа се одразува односот меѓу Цариградската и Римската црква, пред расцепот во 1054 година. Во тоа време, Леон, ктиторот, морал да предвиди и римски папи, затоа што тие биле заедница, иако уште во 1025 година почнале караниците меѓу Цариград и Рим. Од овие римски папи досега се идентификувани само четворица. Тоа се Клемент, Григориј, Силвестар и истоименикот на ктиторот, Леон. Според научните сознанија, само во „Света Софија“, во најголемата галерија на архијереи во светот, насликани се заедно шестмина римски папи, а таков случај не бил познат во византиската уметност и во уметноста на словенските земји. Во помал број овде се застапени и претставници на Александриската, Ерусалимската и на Антиохиската патријаршија, на Кипарската архиепископија и на старите угледни малоазиски епископии. Меѓу овие великодостојници се и ликовите на словенските просветители – св. Кирил Филозоф, св. Методиј и нивниот ученик св. Климент Охридски – на јужниот ѕид од ѓакониконот.Покрај нејзиното значење како знаменитост, внатрешноста на црквата и нејзиниот двор и колонада претставуваат важно место за одржување на културни збиднувања, како концерти и драмски претстави.Но, од особено значење е и дрвото павловнија, кое во дворот на катедралната црква „Света Софија“ е засадено пред околу 50 години. Со поткастрување на тешките гранки е отстранета опасноста со која секојдневно се соочуваа локалните жители и многубројните посетители на црквата.Павловнија (lat. paulownia) претставува род цветачки растенија. За прататковина на повеќето видови на ова дрво се сметаат централна и источна Кина, но павловнијата има долга традиција на одгледување и во другите земји на Источна Азија: Јапонија, Виетнам, Лаос… Подоцна голема популарност добила во Европа и во Северна Америка каде што се сади како украсно дрво или за потребите на дрвната индустрија. Во Кина, Кореја и во Јапонија павловнијата се употребува за изработка на телата на традиционалните жичени инструменти, додека во поново време во разни земји на светот наоѓа примена при изработката на евтини електрични гитари, скии и други производи.Дрвото има значајна улога и во културниот живот на азиските народи.За посебниот статус на павловнијата зборува фактот што ова дрво е претставено на амблемот, исто како и на печатот на јапонската влада. Има уште еден интересен факт за присуството на ова дрво во јапонската традиција: порано постоел обичај кога ќе се родело девојче да се засади павловнија за години подоцна од дрвото да се направи плакар како подарок за нејзината свадба. Ваквиот обичај е присутен и во Кина.Kарактеристично за павловнијата е големата способност за никнење и за преживување. Има силно развиен коренов систем (па се сади за спречување на ерозијата на земјиштето), поднесува разни видови почва, дури и најпосна. Друга добра карактеристика на павловнијата е брзото растење и некои видови можат да се сечат за обработка само по пет години од садењето. По сечењето, од кореновиот систем брзо се развиваат нови стебла поради што ова дрво се нарекува „дрвото феникс“. Големата слабост му е во тоа што има потреба од многу светлина поради што не може да опстане во сенката на други дрвја.Пред да бидат измислени пластичните материјали (полистирен), во 19 век кинеските извозници на порцелан за пакување ги употребувале семките на павловнијата, кои се карактеризираат со својата мека и лесна структура. Додека патувале низ светот, се случувало некој од пакетите да се распадне или на друг начин семките да испаднат покрај железничките линии. Потоа од нив ќе изникнеле павловнии и така овој род се ширел низ разните делови на светот.Уште пред да дојде во Европа, во азиската прататковина павловнијата имала автентични локални имиња: „пао тонг“ во Кина, „кири“ во Јапонија… Европа го дала своето, европско име, кое влегло во светската класификација на растителните видови. Германските научници Филип Франц Балтазар фон Зиболд (Philipp Franz Balthasar von Siebold; 1796-1866) и Јозеф Герхард Цукарини (Joseph Gerhard Zuccarini; 1797-1848) прво посакале да го именуваат со името Ана (Anna), но кога разбрале дека во светскиот регистар на растенија веќе постои такво име, решиле да го употребат презимето Павловна. Така дрвото си го добило латинизираното име „павловнија“ (paulownia).Павловнијата е позната уште како „дрво на принцезата“ или „царско дрво“ зашто Ана Павловна (руски: Анна Павловна), по која дрвото си го добило своето име, била принцеза и ќерка на рускиот цар Павел I Петрович (1754-1801). Принцезата се омажила за холандскиот принц Вилем II, кој подоцна станал крал на Холандија, а таа кралица. Не нашла задоволство во бурниот брак со неверниот холандски сопруг, но го надживеала и на крајот влегла во колективната меморија на холандскиот народ. Руската убавица го освоила холандскиот престол и го привлекла вниманието на Фон Зиболд и Цукарини, исто како што павловнијата го освојувала светот со убавина и жилавост.Најверојатно Охрид и нејзиното величество Ана Павловна немаат некаква меѓусебна врска, но градот си ги има своите павловнии!Во еден агол во дворот на црквата „Св. Софија“ опстојуваат три дрвја од родот павловнија, поточно од видот павловнија томентоза (paulownia tomentosa), и со години го будат љубопитството на многубројните посетители. Според кажувањата на постарите граѓани, а тоа се гледа и на стари фотографии, сè до средината на минатиот век на местото од дрвјата стоеле камбанарија и повисока ограда околу црковниот двор. Останува неоткриена тајна како ова дрво пристигнало во Охрид. Поради нежната внатрешна структура павловнијата е ранлива на нападите од разни штетници, исто како и на силните ветрови. Затоа животниот век на павловнијата многу ретко надминува седумдесет години. Имајќи ги предвид наведените факти, можеме да заклучиме само дека охридските павловнии изникнале кон средината на минатиот век. И продолжуваат да опстојуваат понатаму нудејќи им сенка на уморните и прашања на љубопитните минувачи за нивното име и потекло.




Извор:republika.com
