Од четири до шест министерски и околу 25 директорски имиња на „важни институции“, неофицијално се вртат како бројки најавените промени за највисоките раководни позиции.
Во владиниот кабинет акцентoт на промени бил ставен на економските ресори, но се бараат и кадровски решенија за испразнетите места во ресорите култура и земјоделство, како и раководен кадар за новото Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците, кое треба да го замени Секретаријатот за спроведување на Охридскиот рамковен договор.
Премиерот Заев веќе најави дека опфатот на промените ја надминува постапката за владина реконструкција и дека ќе се гласа за нова влада. Тој вчера потврди дека разговорите на коалициските партнери се во тек и очекува првите промени се очекува да се случат најдоцна до средината на јуни. Засега не открива имиња, но изјави дека знае кои лица би ги поставил на позициите што ќе бидат подложени на промени.
„Веќе разговарам со луѓе особено нови луѓе кои треба да дојдат на позиции кои ќе бидат променети и испразнети. Разговорите течат. Секое слободно време го користам за да разговарам со тие луѓе за да можам да потврдам дека се нафаќаат и прифаќаат да ја работат таа работа, така што верувам дека ќе стигнам не подоцна од крајот на првата половина на јуни“, изјави Заев.
