Јетмир Зиба специјалист интернист, раководител на одделот за хемодијализа во Специјалната болница за нефрологија-Струга.
Единствениот излез од корона-кризата е вакцинацијата!
„Единствениот излез од коронакризата е во вакцинацијата. Ние од оваа здравствена установа се вакциниравме. Треба сите се вакцинираат за да можеме да се вратиме во нормалниот живот. Тоа во овој момент е единствено решение. Мора да се стекне колективен имунитет а тоа најдобро би се направило со вакцинација“, вели доктор Јетмир Зиба специјалист интернист, раководител на одделот за хемодијализа во Специјалната болница за нефрологија-Струга.

Вирусот не треба да се потценува, вели доктор Зиба, и додава дека сите треба да се многу внимателни. Мора целосно да се почитуваат препораките за заштита. Посебно сега, со овај нов бран, оваа нова мутација која е многу позаразна, многу поопасна, дава многу потешка клиничка слика, побрзо развива симптоми но и бројот на смртни случаи е поголем.
„Секој стравува и од реинфекција посебно што оваа болест е нова и немаме многу сознанија дали може да се реинфицира, дали остава траен имунитет. Секојдневно излегуваат нови студии, нови податоци. Стравот нормално постои но остануваме целосно посветени на нашите пациенти“, додава Зиба.

Уште од почетокот на пандемијата мецицинскиот тим од оваа здравствена установа е целосно посветени на работа со пациенти заразени со ковид-19. Коронавирус инфекцијата може да претставува сериозна закана за бубрежно болните бидејќи развиваат потешка клиничка слика.
„Нормално пациентите кај нас кои имаат хронично бубрежно заболување често развиваат потешка клиничка слика во споредба со другите пациенти. Токму затоа сме многу внимателни и посветени. Целиот персонал, целиот стручен кадар е насочен во лекувањето и третманот на овие пациенти. Исто така секојдневно во разговор со пациентите кои прават хемодијализа кај нас ги информираме за целосно почитување на препораките од Министерството за здравство кои се однесуваат на спречување на заразата од ковид-19. Држење дистанца, редовна хигиена и носење на маски“ вели доктор Зиба.
Уште од самиот почеток на пандемијата Заводот за нефрологија-Струга ги обезбеди сите услови за нормално функционирање и третман на пациентите.
„Во оделот за хемодијализа има две посебни сали, едната за пациенти сомнителни на коронавирусната инфекција. Тука пациентот прави хемодијализа се додека не стигнат резултатите од тестот. Ако се потврди инфекцијата се префрла во друга посебна сала каде хемодијализа прават позитивните пациенти на ковид-19“, објаснува Зиба.

Доктор Зиба вели дека изминала тешка година за нив но остануваат спремни за сите предизвици кои може да ги донесе опасниот вирус. „Минатата година беше напорна но ние во ниту еден момент не се предадовме и не се опуштивме. 24 часа бевме и сеуште сме спремни за сите предизвици во третирањето на овие пациенти“
Доктор Зиба вели дека вирусот ги погодува сите, и оние како него кои ги преземаат сите мерки за заштита и работат по 12 часа во заштитни одела.
„Јас ја прележав болеста во ноември. 20 дена бев во изолација. Поминав со полесни симптоми но за жал се зарази целото мое семејство, родителите, мојот брат, синот, мојот дедо, буквално цело семејство. Мојот татко беше хоспитализиран две недели но најважно е што се спаси, вели Зиба.
