Со свечено отворање во Галеријата „Ѓорѓија Целески“ во Белчишта започна 41-то издание на Интернационалната уметничка колонија „Дебрца“, најстарата ликовна колонија во Македонија.
Годинашното издание се одржува под мотото „Од камен до код – ехо на земјата, глас на иднината“, испраќајќи порака дека иднината се гради врз темелите на минатото.
Организаторите истакнаа дека веќе 41 година колонијата претставува значаен културен мост што ги поврзува уметноста, луѓето и различните култури, а Белчишта го позиционира како препознатлив центар на ликовното творештво.
Претседателката на здружението, Мартина Целеска, посочи дека колонијата одамна прераснала во духовен простор и културен симбол на Дебрца. Галеријата денес чува повеќе од 700 уметнички дела, кои претставуваат значајно културно наследство.
На годинашната колонија учествуваат реномирани уметници од Македонија, Србија, Словачка и Велика Британија, предводени од почесниот гостин, истакнатиот македонски уметник Јордан Манасиески.
Свеченото отворање беше збогатено со музичка програма во која настапија младата гитаристка Георгина Јанкоска, фолклорниот ансамбл „Св. Петар и Павле“ од Мешеишта и гајдаџијата Целе Блажески.
И годинава, Интернационалната уметничка колонија „Дебрца“ продолжува да ја негува визијата на својот основач, создавајќи простор за творештво, културна размена и уметничка инспирација.


