Населбата „Чекоштина“ повторно е на удар на несовесните граѓани кои фрлаат отпад каде ќе стигнат.
По безброј написи на Охриднет но и на другите портали за негрижата на поединци кон природата, фрлањето отпад и силното загадување, никако да спласне и да исчезне човечката негрижа за природата што гоопкружува Охрид. И додека во светот, „борба“ водат на секое ќоше да засадат трева или дрво и да ги негуваат, ние со секавична брзина итаме да ја уништуваме и загадуваме оваа убавина од Господ дадена.Жители од „Чекоштина“ и понатаму алармираат за нехуманиот однос на одредени луѓе кон околината на населбата кои безмилосно и без тронка совест оставаат шут, ѓубре и друг отпаден материјал каде ќе стигнат.Ни испратија неколку слики и бараат да пишуваме повторно за овој еколошки проблем со цел „Чекоштина“ да не биде депонија во Охрид.Пролетта, Охриднет објави текст за деставацијата на природата кај „Чекоштина“ што за жал е сеуште актуелен и нема никакво подобрување во јавната свест кај загадувачите. Ќе го објавиме повторно и силно креваме глас против „луѓето“ што ја загадуваат не само таа природна средина туку и целата околина на Охрид.
Неверојатно е како некој наши сограѓани со леснотија и без трошка совест, ја загадуваат природата и ја гнасат оваа убавина од Господ дадена. За неверување е дека, сеуште има „луѓе“ кои својот отпад го фрлаат низ нашата околина, во близина каде живеат луѓе, на места кои се восхит на охриѓани и на туристите. Несовесните, фрлаат вреќи полни со ѓубре каде ќе стигнат, претпоставуваат дека тоа го прават „скришно“, без никој да ги види. Сепак,нечие око ќе ги „sирне“ како се вртат лево-десно а потоа како брзо, речиси секавично ги вадат тешките вреќи полни со домашно ѓубре и со жестина ги фрлаат со сета сила. После тоа, како со невидено олеснување, пак поглед лево-десно и право в кола со брзина бегаат, среќни што, успешно и „без никој да ги види“, се ослободиле од смрдливото ѓубре што, дома им, толку многу им сметало. Ете, тоа е умствениот капацитет на одредени наши сограѓани кои можеби сеуште не слушнале за контејнери и кои незнаат да ја сакаат и да ја чуваат природата која е и нивна и на нивните поколенија. Најважниот дострел за нив е дека дома, сега немаат, или имаат помалку отпад, се ослободиле од смрдливото ѓубре од кое не можеле да дишат. Нека бидат среќни што не ги објавуваме со слика а од екологија им даваме чист кец. Благодарност до нашиот читател од „Чекоштина“, кој ни ги прати овие фотки како доказ повеќе дека, некој меѓу нас, сеуште си фрла отпад каде ќе стигне но и како сурова вистина колкава може да биде човечката негрижа за природата што го краси Охрид и охридско. Нека ова биде уште една лекција за сите нас, како не треба кон природата. Првите сто години се тешки, после, се гледаме во почиста природа.