ФОТО: Одбележан 50 години јубилеј Дебарско кичевска епархија

Денес во манастирот  „Св. вмч. Георгиј” – Кнежино, Кичево, беше  одбележан педесетгодишен јубилеј на Дебарско – кичевска епархија.

На големата свеченост присуствуваше и господин господин Стефан и Владиката Тимотеј. 

-Дебарско – кичевската епархија е формирана на Третиот црковно народен собор во 1967 година во Охрид, најпрво под името Величка, а идната година е преименувана во Дебарско – кичевска, со седиште во Охрид. Епархијата го зафаќа југозападниот дел од Р. Македонија, или, поточно 3565 км², односно, 35 651 000 м². Во неа има пет градови, и тоа: Охрид, Струга, Кичево, Дебар и Македонски Брод. Во Епархијата има 262 села, од кои, 179 се со христијанско население, 20 села се со мешано население и 63 села се со муслиманско население. Во Епархијата живеат 228 000 жители. Од нив, по национална припадност, 110 229 се Македонци и исламизирани Македонци. 82 855 се Албанци. 24 095 се Турци, а во петте градови живеат и египјани и роми. По верска основа, околу 90 000 се православни христијани, 20 000 исламизирани Македонци, а останатиот број се муслимани и незначителен број други христијански деноминации, истакна владиката Тимотеј. 


Со Епархијата управувале двајца покојни митрополити, Митрополитот Методиј Попоски и Митрополитот Ангелариј Крстески, кој подоцна ќе биде избран за Архиепископ. А сега, со Епархијата управува мојата скромност. Во овие изминати педесет години, во Епархијата свештенослужеле шеесет и три клирици.

Во овој период изградени се и осветени повеќе цркви и манастири. Изграден е нов конак во манастирот „Св. Еразмо Охридски”, конаци во манастирот „Си Свети” – с. Лешани и во манастирот „Св. Петка” – с. Велгошти, целосно обновени конаци во манастирите „Св. Наум Охридски”, „Св. Богородица Захумска”, „Св. Стефан”, „Св. Богородица Пречиста” – Кичево, „Св. вмч. Георгиј” – с. Кнежино, „Св. вмч. Георгиј” – с. Рајчица, „Св. Јован Бигорски” и „Св. Богородица” – с. Манастирец. Покрај возобновување на стари конаци и градба на нови при манастирите, треба да споменеме дека во сите градски цркви, изградени се административни простории со големи трпезарии, каде што се задоволуваат верските потреби од повеќе аспекти. Овие трпезарии се користат за правење задуши, но, исто така, за одржување на верска поука, како на млади така и на повозрасни луѓе. Покрај градските цркви, скоро при сите централни цркви на селските парохии, исто така, изградени се нови простории за задоволување на потребите на верниците при истите.


Дебарско – кичевската епархија располага со два епархиски станови, еден во Струга и еден во Скопје, со четири апартмани во Охрид, и со три дуќани во Охрид. Покрај споменатите објекти, Епархијата располага со објект во дворот на црквата „Св. Богородица Каменско”, каде што беше сместена администрацијата на Епархијата, а истата беше изградена во 1983 година. Исто така, моментално, Епархијата функционира во реновиран објект, познат во Охрид како Старо училиште „Св. Климент”, којшто беше вратен со денационализација. Во 1990 година, Епархијата ја реновира целосно и епархиската резиденција со доградба и капела посветена на „Покров на Пресвета Богородица”. Моментално за истиот објект се води судски спор со наследниците, коишто ја добија со денационализација.


Изминатиот период изградени се околу 120 нови цркви и параклиси, a oсветени и преoсветени се 145. Исто така, изградени се и три нови манастири. Едниот е овој, каде што ја правиме прославата, вториот е „Св. Козма и Дамјан” во с. Опеница, Охрид, а третиот е „Св. Троица” – с. Велестово, Охрид.
Кога е формирана Епархијата, од монаштво имало само три монахињи, и тоа, две во „Св. Богородица Пречиста” – Кичево, игуманија Салафаила и монахиња Нина, и игуманијата Евдокија во „Си Свети” – с. Лешани. През овие години имало уште три монахињи кои се упокоени, и тоа игуманија Ирина во „Св. Петка” – с. Велгошти, игуманија Агнија во „Св. Богородица Пречиста” – Кичево и монахиња Доротеја од Кнежинскиот манастир и монахот Матеј.


Во моментов Епархијата има монашки живот во седум манастири, од кои четири се машки и три женски. Со најголем број монаштво е Бигорскиот манастир, а со женско монаштво „Св. вмч. Георгиј” – с. Рајчица, Дебар. Покрај Бигорскиот манастир, машки манастири се „Св. Наум Охридски”, „Си Свети” – с. Лешани, и „Св. Богородица” – с. Манастирец, Македонски Брод. Додека, пак, женски се: „Пресвета Богородица Пречиста” во Кичево и „Св. вмч. Ѓорѓи” во с. Кнежино, Кичево.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани