Време на корона – едно сосема ново искуство, со многу предизвици, загуби, стресови и неизвесности како за пациентите така и за медицинските лица кои деноноќно се борат за секој живот. Велат, „Заедно сме во оваа битка и мора да издржиме“.
На Инфективното одделение во Општата болница во Охрид секој ден иста приказна, бројки на заболени кои постојано растат, умор кој од ден на ден е се поголем, желба и надеж дека се ова за брзо ќе заврши.
Мирјана Спасова, главната сестра на Интерно се грижи за најтешко болните од ковид-19. Откако пандемијата им го преокупира нормалноти функционирање Спасова вели дека буквално и не спие. Заштитната опрема се облекува од рано утро по што денот постојано поминува во следење на состојбата на хоспитализираните пациенти и борба за секој живот. Уморот е и физички и психички но вели, „си ја сакам работата и мора да се издржи и кога е најтешко“.
.jpg)
„Се соживуваме со нашите пациенти, најболно е кога се губи живот, го гледаш, вложуваш максимум но не секогаш успеваш да помогнеш. Тешко е и кога треба да се извести семејството за загубата. Разни болни судбини поминаа тука. Семејства си ги загубија најблиските, родители, синови, ќерки….. навистина многу страшно“, раскажува Спасова.
Корона вирусот не ја поштеди ни неа. По домашната изолација сестра Спасова се врати на работните обврски но сега со поголемо искуство за тоа што значи да се биде болен од опасниот вирус.
.jpg)
„Моите дома, сопругот и синот, беа позитивни претпоставувам дека вирусот јас им го однесов. Имаме несовесни пациенти, заболевме неколку од персоналот меѓу кои и јас. Издржавме 365 дена, се штитевме максимално, бевме сигурни и бевме меѓу првите за да ја примиме вакцината на Фајзер но за жал заболевме. Познавајќи ја клиничката слика на болеста и покрај негативниот тест морав да ја почитувам изолацијата од 14 дена па потоа уште толку откако заболе синот“, вели Спасова која за среќа е една од оние кои болеста ја поминала со лесни симптоми.
.jpg)
„Тука сум од самиот почеток на ковидов, од самиот почеток на оваа „чума“ на 21 век но сега знам што значи да го имат овај вирус човечкиот организам, овај отров. Ова навистина е експлозија, бомба во човечкото тело. Не знаеш што те боли, еден ден те болат мускули еден ден коски, другиот ден главоболки, немаш апетит, креваш температури. За следниот ден викаш дали ќе се влоши мојата состојба или ќе ми биде подобро. Правиш контроли на крв, рентген… секој ден неизвесност“, раскажува Спасова.
.jpg)
Спасова апелира строго почитување на заштитните мерки, носење заштитни маски, држење растојание, често миење раце и вакцинација. „Само така може да се спасиме од ова зло“, вели таа.
„Сила имаме, јаки сме, храбри сме, издржавме долг период, не смееме да му се предадеме на уморот сега. Во овој период имаме помош од колегите од останатите одделенија кои ни признаваат дека го носиме најголемиот товар на оваа тешка пандемија, ни се восхитуваат, ни аплаудираат“, додава Спасова.
На Инфективното одделение во охридската болница во 2020 година се хоспитализирале 1100 пациенти заболени од коронавирус. Голем е бројот и на амбуланските прегледи. Спасова вели дека ниту еден пациент не бил вратен без разлика дали бил пратен од матичен лекар или сам одлучил да побара помош на ова одделение.
.jpg)
„Повеќе од половината се преку нашето одделение тестирани. Мојот персонал, моите сестри, моите докторки и помошниот персонал сето тоа го сработи“, вели Спасова која апелира на поголема свест и за донирање на конвалесцентна плазма за третман на пациенти со ковид-19.
Во Охридската болница првиот пациент кој е третиран со крвна плазма веќе се чуствува многу подобро.
Текстот е изработен во рамките на кампањата „Здравствените работници се нашите херои – со нив се гордееме“, како поддршка во најголемата здравствена криза во историјата.
