Отворена нова поставка во Галеријата на икони Охрид

Галеријата на икони во Охрид збогатена со нова поставка.

Новата поставка во долниот простор на Галеријата на икони-Охрид од денес е отворена за посетителите, информираат од Завод и музеј Охрид. 

Галеријата на икони во Охрид се наоѓа во музејскиот комплекс на црквата Света Богородица Перивлепта во Охрид. Колекцијата опфаќа повеќе икони, но околу 30-тина од нив се оценети како врвни уметнички дела, кои се создавани во еден подолг период од XI до XIX век. Охридските икони се со непроценлива вредност и поради тоа се изложувани на неколку големи светски изложби.

 

Охридската збирка, покрај Синајската од манастирот Св. Катерина, Светогорската и Руската е една од највредните и најзначајните светски колекции на икони. Повеќето од нив настанале во охридските сликарски работилници, а некои од иконите во текот на вековите, како подароци за охридските цркви, биле донесени од Цариград или Солун и се одликуваат со исклучителни колористички решенија, грациозност и убавина на сликарската обработка.

 

Високите ликовни квалитети, историското и културолошкото значење, како и големиот степен на зачуваност на иконите од оваа збирка, особено на највредните и најубави примероци од XI до XIV век, кои претставуваат вистински ремек-дела на византиското штафелајно сликарство, придонеле тие, заедно со поедини примероци од поствизантискиот и од периодот на Преродбата, да бидат изложени во постојана поставка која се вбројува меѓу неколкуте вакви збирки во светот. Охридските икони претставуваат значајно сведоштво за значењето и улогата на градот Охрид како религиозен и културно-уметнички центар во рамките на византиската империја, српската средновековна држава и отоманската империја, како и неговите врски со другите развиени културни и уметнички центри, во прв ред со Цариград и Солун.

 

Преку иконите од оваа збирка може да се следи развојот на иконописот во временски периодот од речиси илјада години, од средината на XI па сé до средината на XIX век, а разните временски епохи оставиле свои хронолошки и стилски обележја врз поедини примероци.

 

 

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани