Политичка преписка мегу локалните СДСМ и ВМРО ДПМНЕ за промената на директорското место во ЈП „Охридски Комуналец“.
СДСМ ОБВИНИ:
Во екот на туристичката сезона, досегашната директорка на јавното претпријатие „Охридски Комуналец“, Елена Скрческа, одлучи да замине во пензија, со што претпријатието останува без менаџмент во време кога тоа му е најпотребно. Со повлекувањето од функцијата Скрческа зад себе остави катастрофална состојба со одржувањето на хигиената во градот.
Од друга страна, новиот в.д. директор на „Охридски Комуналец“ Александар Китески кој доаѓа од општинскиот инспекторат, воопшто не е запознаен со начинот на кој функционира комуналното претпријатие, а во услови на зголемен обем на работа и туристички шпиц, тешко е да се очекува дека тој за кратко време ќе успее да научи како функционира претпријатието.
Ваквото себично однесување на Скрческа и неспособноста на градоначалникот Никола Бакречески, е врвот на лошото менаџирање со „Охридски Комуналец“ кое резултира со нечисти улици, застој во сообраќајот и преполни контејнери. Четири години граѓаните ја гледаат истата слика во летниот период, контејнери полни со смет кои со денови стојат на високи температури и од кои се шири непријатна миризба и вработени во претријатието кои сметот го подигаат во најголемиот сообраќаен шпиц со што го блокираат сообраќајот и создаваат метеж и нервоза кај учесниците во сообраќајот.
Како и изминатите три летни сезони, така и оваа, минува во знакот на целосна неспособност и импровизација во делот на комуналната хигиена што ја нагрдува сликата за туристичкиот бисер на Македонија.
Ова е само уште еден од бројните докази дека на Охрид му се потребни итни промени. Затоа, веќе во октомври, граѓаните ќе изберат промени и нов градоначалник и Совет на општината. Новата локална власт предводена од СДСМ, со сиот свој капацитет ќе работи на подобрување на квалитетот на животот на граѓаните и ќе обезбеди чист и уреден град, како што впрочем и му доликува на едно реномирано туристичко место.
Од општина Охрид возвратија:
Продолжува паушализмот и расфрлањето со непроверени информации на СДСМ Охрид во јавноста што стана препознатлив белег на нивното политичко делување.
Исто така се однесуваа и кога го водеа Охрид, а со тоа и Јавното претпријатие „Охридски комуналец“. Чести се обидите да си ја перат совеста, при тоа за своите неуспеси да обвинат некој друг.
Овие се истите оние луѓе кои под превезот на „Чист Охрид“ дозволија во непосредна близина на центарот на градот да изникне депонијата „Мауцкер“. Е тоа никој никогаш во Охрид нема да им го прости. Тоа се истите луѓе чија главна реформа во „Охридски комуналец“ беше помпезно поставување на најлонски кеси во Охрид. Истите овие луѓе не набавија нити едно ново возило за подигање на смет, туку се обидуваа со ефтини трикови за набавка на стари и дотраени возила да ја замајуваат јавноста. И од “врвните“ менаџери на „Охридски комуналец“ единствено наследивме активирана хипотека за неплатен кредит за просториите на ЈП „Охридски комуналец“ во Градскиот пазар.
Токму можноста овие атрактивни простории да бидат запленети од една деловна банка каде „Охридски комуналец“ имаше неплатени обврски по основ за кредит, го означуваше почетокот на мандатот на директорката Скрческа. Потоа следуваше период на финансиска стабилизација на претпријатието, воведување на ред и дисциплина во работењето и секако набавка на нови возила што се случи за прв пат после 30 години.
Новиот директор има силен капацитет да продолжи да го развива претпријатието, секако во тимот надополнет со искуството и знаењето на поранешната директорка Скрческа, која не заминува во пензија како што тоа го вели СДСМ Охрид.
Вака искомпонираниот тим е цврста гаранција за градоначалникот Никола Бакрачески дека Ј.П. „Охридски комуналец“ ќе продолжи да се развива во вистинскиот правец.
Граѓаните се оние кои на крајот ќе ја направат разликата меѓу двата концепти за владеење во Охрид кои навистина се различни и за среќа немаат ништо заедничко еден со друг.