Прв случај на морбили во струшко Лабуништа

Шестгодишно дете од село Лабуништа, Струга е првиот потврден случај на морбили оваа календарска година, информира попладнево Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Направено е серолошко тестирање за мали сипаници со добиен позитивен резултат со IgM, а со PCR е детектирана RNA на мали сипаници.

„Првите симптоми асоцирани со сегашната болест се појавиле на 25 мај – покачена температура (до 40°С), повраќање и течни столици. Од 30 мај се појавил еритем, макулопапулозен исип на лицето, кашлица и хиперемични конјуктиви. На 1 јуни исипот се проширил по целото тело и се регистрираат афтозни промени во усна шуплина (Копликови дамки). Истиот ден е транспортирано од општата болница во Струга на Клиниката за детски болести во Скопје каде е хоспитализарано“, информира ИЈЗ.
Детето не било вакцинирано со МРП вакцина. Живее во шестчлено семејство. Помалата негова сестра имала температура и исип пред една недела

„Родителот дава податок за сомнителен контакт, сосед кој прележал “сипаници”. Детето не посетува градинка или училиште и не патувале во странство 7-23 дена пред почетокот на исипот“, велат во ИЈЗ.

За случајот е известена епидемиолошката служба на ЦЈЗ Охрид за понатамошно пребарување на контакти и проверување на вакциналниот статус. Увидот во вакциналниот пункт е во тек.

Препораките кои ги даваат епидемиолозите се, да се засили епидемиолошки надзор над исипните трески.

„Секој суспектен случај на мали сипаници согласно клинички критериуми на дефиницијата на случај потребно е епидемиолошки да се истражи и лабораториски да се тестира. Да се зголеми свесноста за присуство на мали сипаници во земјата и кај населението и кај здравствените работници. Да се информираат матичните лекари/педијатри/инфектолози да ги пријавуваат сите сомнителни случаи до епидемиолошката служба на надлежниот ЦЈЗ, во рок од 24 часа и да го упатуваат пациентот на преглед кај специјалист инфектолог. Дополнително најдоцна за 24 часа, треба да достават Пријава за заболување/смрт од заразна болест, согласно законската регулатива“, препорачува ИЈЗ.

Од сите сомнителни случаи треба да се земе примерок од крв за серолошко испитување, како и друг биолошки материјал (назофарингеален брис, урина, плунка) за молекуларна дијагностика (PCR) и истите да се испраќаат до Одделението за вирусологија при ИЈЗ РСМ. Освен тоа, велат епидемилозите, треба да се направи засилена контрола, проверка на вакциналниот статус на подлежечките лица на територијата каде живее потврдениот случај, потоа изнаоѓање на невакцинирани и некомплетно вакцинирани и нивно повикување и вакцинирање, во регионот и во сите вакцинални пунктови во земјата.

„Постигнување и одржување на висок опфат со МРП (повеќе од 95 отсто со две дози). Од витално значење е да се обезбеди вакцинација со прва и втора доза навреме, според националниот календар кај доенчињата и децата. Исто така, важно е да се идентификуваат и вакцинираат подлежечки лица преку catch-up програмите. Треба и да се засилат здравствено-едукативните активности, насочени кон промовирање на МРП вакцинацијата, како најефикасна превентивна мерка во спречувањето и сузбивањето на малите сипаници, е од особена важност.

Вакцинација против мали сипаници се спроведува континирано и задолжително со 2 дози на МРП вакцина. Првата доза се смета за примовакцинација и треба да се даде на првата година од животот на детето. Ревакцината е на шестгодишна возраст.

Во РСМ опфатот со првата доза на МРП во 2023 година на национално ниво изнесува 73,4%, а во Струга е 82,9%. Опфатот се ревакцинација на национално ниво во 2023 година изнесува 87,7%, а во Струга е 93,9%. Примарната вакцинација со МРП вакцина во 2023 година, бележи намалување во однос на просекот на опфатот регистриран во изминатите 5 години (74,4% на национално ниво), додека ревакцинацијата во 2023 година бележи зголемување во однос на просекот (85,1% на национално ниво).

 

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани