Репортажа: Богородица Заумска светилиште со извонредна убавина

Манастирот “Света Богородица Заумска” се наоѓа на 20 км од Охрид, на брегот на езерото, во подножјето на Галичица, во близина на рибарското село Трпејца.

Распослан на брегот на езерото, во рајско живописна прорида на плажа со бели мазни камчиња. Повиен со одблесокот на сонцето заштитен со милоста на Мајката Божја Заум е извонредно светлиште.

Местото е недостапно од копно, тука се доаѓа само по вода.

Црквата е изградена во 1361 година од страна на кесарот Гргур. Таа е во форма на впишан крст, со кубе кое се потпира врз четири столба, слично како и охридските цркви Света Богородица Перивлепта и Свети Јован – Канео.

 

Според изгледот на својата градба и начинот на фрескоживописот црквата Света Богородица Захумска е единствена и доста се разликува од сите останати средновековни црковни храмови во Македонија и пошироко. Манастирската црква Света Богородица – Заум претставува убаво остварување во архитектурата со педантно изведена декорација, елегантни пропорции и нагласена височина.


Заум е украсен со фрески, дела на непознати зоографи. Ова сликарство има исклучително значење за изучувањето на уметничкото создавање од втората половина на XIV век.

Од аспект на туризмот посебно значење има оваа црква бидејќи нејзината туристичко георграфска положба е посебна. Се работи за еден типски каванак кој е неповторлив во нашето опкружување.

Легендата за настанувањето на манастирот „ЗАУМ“

Според легендата, многу луѓе се обидувале да ja измерат длабочината на Охридското Езеро, но никој не успевал да стигне до дното. Така и една охриѓанка, богата чорбаџиска ќерка, тргнала со чун во Свети Наум. Кај Пештани ја зафатило силно невреме. Не можела никако да стигне до брегот. Во бурата од грмотевици, силен ветар и бранови седнала на кајчето, ги скрстила рацете и почнала да се моли “Богородице спаси ме, однеси ме на копно и ќе ти изградам црква”. Така Мајката Божја подала рака ја однела на брегот на денешниот Заум.

Рекла „Е уште еднаш ЗА УМ нека ми биде ова, што ми требаше да го мерам езерото“ и дала заповед на тоа место да се направи еден манастир кој го нарекла Заум, поради големиот страв што го преживеала така да го гледа и да памети оти ќе се удавела. Преданието вели, дека манастирот стои на брегот под стрмните карпи кај најдлабокиот дел од езерото „за ум“ на секој човек што ќе оди таму да се чува и да не влегува во него.

Нејзините родители благодарни на Бога го изградиле манастирот и конаците на местото каде се спасила нивната ќерка, денешен Заум.

Легендата со задоволство ја раскажуваат старите , а во неа а во неа поколенијата и новите генерации веруваат и денес.

Необична случка од 2013 година која ја оживеа „Заумската легенда“

Во 2013 се случи уште една необична случка со која  повторно воскресна култот кон Богородица Заумска. Две изгубени момчиња од Скопје, кои со гумено кајче осум саати се бореа со силното невреме во Охридското езеро, беа пронајдени токму кај Заум. Тука, од Елешец од каде тргнаа со кајчето, ги донесе силата Божја. Нејзината милост беше појака од силните бранови и невремето. Цела ноќ, мајката Божја бдееше над младите животи и им помагаше во нивната борба со силното невреме.

Случајност или не, неможе да се каже, но едно е јасно Заум е место кое плени со духовна енергија. 

Денес  Заум со нов лик изградени конаци а во тек е и конзервација на црквата

Местото од памти век плени со извонредна убавина. Изградени се манастирски конаци, убаво уреден двор. Конзервацијата на црквата Света Богородица и изградбата на конаците во Заум започна во 2014 година.

 

Оваа фотографија е  од 2013 година кога дворот на црквата беша кампувалиште за бројните посетители.Секоја година од мај до октомври манастирот беше  опкружен со кампери, кои тука одмараа во беспрекорната тишина, свежиот воздух и живописната природа.  Денес сликата е сосема поинаква. Дворот е ограден и црковен. Хортикултурно уреден , а местото зрачи со духовна топлина , мир и спокој. 

 

Во поново време обновена е традицијата да се богослужи во овој манастир на 04 јули, веднаш после празникот на св. Наум, и на 21 септември на празникот на Рождеството на Пресвета Богородица кога е доста посетен од страна на жителите на селата Пештани и Трпејца како и од жители на градот Охрид. Во црквата секоја година на 4 јули, ден по летниот празник на Свети Наум Охридски – Чудотворец, покрај богослужбата се одржува народен собор и прослава со кум од селото Трпејца при што се дели посен ручек.

новинар Соња Рилковска 

 

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани