Свети Автоном, Јулијан, преподобен Даниил….

 

Денешниот ден црквата го посветила во спомен на неколку значајни светители.

 

Светиот свештеномаченик Автоном

Се оддалечи во времето на гонењето на Диоклецијан од Италија во Витинија Азиска, во местото наречено Сореос и таму долго време помина во христијански подвиг и изгради црква посветена на Светиот Архангел Михаил. Престојуваше во куќата на еден добар христијанин Корнелиј, когошто Автоном го посвети најпрво за презвитер, а потоа и за епископ. Недалеку од градот Сореос беше местото Лимна, населено само со незнабожци. Свети Автоном отиде во тоа место и набргу многумина ги просвети со Христовото Евангелие. Тоа ги озлоби незнабожците и тие еден ден јурнаа во црквата на Св. Архангел Михаил во Сореос и за време на богослужбата го убија Автоном во олтарот, а убија и многумина други христијани во храмот. Во времето на царот Константин на гробот на Св. Автоном подигна храм некој царски големец Севиријан. Двесте години после својата смрт Св. Автоном му се јави на еден војник по име Јован. Тој Јован ги откопа моштите на светителот и ги најде сосема нетлени. И мнозина болни добија здравје од светите мошти. Така Бог го прослави оној којшто Него Го прославуваше за време на животот на земјата.

Светиот маченик Јулијан со четириесетмина другари

Сите пострадаа околу 300 година. Прво беа мачени, па убиени со меч. Пред својата смрт, Св. Јулијан Го молеше Бога вака: „На оние што ќе земаат од правот мој, подај им, Господи, простување на гревовите и стивнување на страстите. Нивните полиња нека не ги напаѓаат ни штетни птици, ни скакулци, ни гасеници, ни други смртоносители, а мојот дух прими го во мир.“

Преподобен Даниил од Тасос

Подвижник и основач на голем манастир. Современик на Св. Јоаникиј Велики. Бил присутен при посетата на Свети Јоаникиј на Тасос. Народот го молел прославениот Јоаникиј да ги ослободи од змиите. Светителот Му се помолил на Бога и змиите во огромен број јурнале во морето и се издавиле.

 

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани