На денешен ден Светата православна црква го празнува Свети Ѓорги Кратовски.
Свети Ѓорги Кратовски на овој ден 1515 година бил мачен, а потоа и спален, на 18 годишна возраст. По занает бил кујунџија и познат е како заштитник на златарите и кујунџиите. Според итието, Свети Ѓорги Кратовски е роден во 1497 година во Кратово од родители Димитрија и Сара. По желба на родителите по завршувањето на училиштето пошол на кујунџиски занает кој во Кратово бил популарен и поради рудниците. Набргу станал познат мајстор. Во тоа време турските власт собирале т.н. данок во крв за пополнување на војската која напредувала кон Европа, правејќи војници-јаничари. Знаејќи дека во Кратово нема да остане долго незабележан, решил да замине во Софија, надевајќи се дека поголемиот град нуди повеќе можности да го направи тоа. И во Софија поради способностите набргу се стекнал со углед и бил забележан од турците. Му биле понудени благодетите на царските власти под услов да ја смени верата и да го прифати исламот. Но Ѓорги Кратовски без размислување одбил поради што бил ставен во затвор. Ја бранел верата Христова поради што бил мачен, а потоа и спален. На иконите Свети Ѓорги Кратовски е претставен како голобрадо момче во кошула со крст во десната рака и маслинова гранка во левата. Над ореолот има натпис:„Свети Ѓорги кој настрада од Селим“