Во Преспа потпишан договорот со Грција, „Happy Birthday“за Нимиц, краватата од Заев за Ципрас

Потпишан договорот за решавање на спорот за името.

Претпладнево, шефовите на дипломатиите на Македонија и на Грција, Никола Димитров и Никос Коѕиас во селото Псарадес (Нивици) на грчкиот брег на Преспанското Езеро, ја потпишаа „Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во Резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите Нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните“.
По говорите на премиерите Ципрас и Заев, документот беше потпишан од министрите додека зад нив беа премиерите на двете земји. Договорот предвидува ново име за Република Македонија, кое ќе се употребува во и надвор од земјава.Според договорот, официјалниот јазик на земјата е македонски, додека државјанството ќе биде „македонско/граѓанин на Република Северна Македонија“. Договорот го потпиша и посредникот на ОН, Метју Нимиц, кој пак денеска го слави 79 роденеден.Него, грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас при пристигањето во Псарадес му ја испеа песната „Happy Birthday“.
„На моето семејство му кажав дека оваа година не сакам подароци за роденденот, оти двајца премиери ќе ми дадат голем подарок. Мојата работа е завршена, а овие четворица лидери треба да почнат со работа за да го имплементираат договорот и да ја продлабочат сорабоката меѓу двете земји“, кажа Нимиц.
На церемонијата присуствуваа и шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини, еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан и потсекретарката за политички прашања на Обединетите нации Розмари Ди Карло.
Колку убав и величествен историски ден, нека ни е со среќа – рече Заев, кој во првиот дел од својот говор го спомена Аристотел, велејќи дека рекол оти човек што има волја, може и планини да помести, што, како што нагласи, се случува денеска.
-Нема да можеш да постигнеш ништо без храброст и надежта е буден сон. Овие две мисли говорат дека кога има надеж и храброст можеш да поместиш планини. Со потпишувањето на овој договор навистина поместивме планини. Кога многумина се сомневаа, потврдивме дека е возможно. Ставаме крај на еден спор. Прашањето беше отворено три децении. Затоа јас и Ципрас и министрите за надворешни работи заедно со нашите претставници, тргнавме во потрага по решение и стигнавме до решение – рече Заев, посочувајќи оти од историјата треба да се учи, а не да се повторува нејзината содржина.„Горди сме на овој наш договор. Горди сме зашто се обединивме околу решение на еден спор којшто не делеше, и избравме решение што нè обединува. Сега, и нека биде така засекогаш“, нагласи Заев.
Тој при честитањето по потпишувањето на договорот, ја симна од врат својата кравата и му ја подари на својот грчки колега Ципрас.Грчкиот премиер Алексис Ципрас смета дека потпишувањето на договорот е „храбар, историски и неопходен чекор“ за граѓаните на двете земји.
„Овде сме да ги залечиме раните што ги остави времето, да отвориме пат за мир, братство и пораст за нашите земји“, потенцираше грчкиот премиер.
Денешниот настан продолжи со заеднички ручек за сите делегации и учесници на македонска територија, во Отешево.

 

 

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани