Дваесет украдени икони од струшко вратени во земјава

Дваесет икони што биле украдени од македонските цркви, а откриени пред една деценија во Албанија, вчера, конечно, ѝ се вратени на нашата држава. Примопредавањето е направено во Тирана, при средбата на македонската министерка за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска со нејзината колешка од Република Албанија, Елва Маргарити, а во рамките на договорот за соработка меѓу двете држави потпишан минатата година. Се работи за вредни икони, главно, од Струшкиот Регион, кои беа случајно препознаени преку албанските медиуми од македонските експерти вo 2013 година. Како што посочуваат од Министерството за култура, во наредниот период, во Музејот на Македонија ќе се изврши процес на нивна заштита, по што ќе бидат изложени, а потоа и вратени на Македонската православна црква.

„Успешната соработка е потврда за пријателството и довербата што ги негуваме како министерства за култура на Северна Македонија и на Албанија“, посочи Костадиновска-Стојчевска, потенцирајќи ги добрата волја и посветеноста од двете страни за заштита и промоција на заедничките културни обележја.

„Тука, во Тирана, сакам да им се заблагодарам на албанските институции и служби кои ги запленија овие вредни дела, а крадците ги соочија со правдата. На стручните лица од областа на заштитата, и од наша и од албанска страна, им благодарам за професионалниот пристап, кој во голема мера придонесе за овој успешен епилог на десетгодишното патешествие на македонските икони“, посочи исто така министерката Костадиновска -Стојчевска.

Постапката се финализира по ратификацијата на договорот во двете држави, со што е отворен процесот за враќање и на други икони од Албанија што беа идентификувани.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани