Благоја Бебекоски, болничар во ЈЗУ Специјализираната болница за Нефрологија – Струга: Не се опишува среќата кога оздравен пациент го испраќаме дома.
Во време кога кога човештвото се соочува со најголемата здравствена криза, медицинските лица се вистинските херои во борбата со вирусот и грижата за пациентите. Не само лекарскиот тим, во овој предизвик и останатиот персонал го носи теретот на постојаната посветеност и ангажираност да се спаси секој еден живот.
Благоја Бебекоски е болничар во ЈЗУ Специјализираната болница за Нефрологија – Струга. Веќе 40 години го подигнува духот на пациентите но последнава година, како што вели, ги помининал најстрашните денови.
Максимално посветен на својата работа, која си ја извршува професионално, на пациентите им пружа, нега, внимание, љубов. Им влева надеж за полесно да ги поминат страшните ковид-денови.
„Во време на пандемија се соочуваме го голем број пациенти позитивни на ковид-19. Постојано се грижиме за болните, им ја пружаме целата нега. Ги преслекувавме, ги храневме, им дававме вода, таблети, им купувавме одредени намирници кои им беа најпотребни. Понекогаш знаевме и да им запееме за да ги расположиме. Пациентите беа многу задоволни. Не се опишува среќата кога оздравени ги испраќавме дома. Тоа е едно од најубавите чуства“, раскажува Бебекоски и додава дека скоро 6 месеци секојдневно бил постојано со заболени пациенти. „Се чуствував многу тажно кога болните те гледаат во очи и со поглед бараат помош од тебе“, вели тој.

Бебекоски вели дека близината со ковид-позитивните пациенти не предизвикува страв бидејќи желбата да се помогне е секогаш поголема.
„Не чуствувам страв но секако постои една доза на претпазливост бидејќи болеста е непозната и многу опасна. Во просториите каде лежеа позитивните пациенти влегувавме облечени со целата заштитна опрема, скафандери, маски, нараквици, каљачи, капи, визери“, додава Бебекоски.
.jpg)
Тој е еден од оние медицински лица кои го прележаа коронавирусот но за среќа без поголеми компликации и без хоспитализација. Скоро месец дена поминал сам во изолација за да си го заштити семејството и блиските околу себе.
„Бев меѓу првите кои прележаа ковид-19. Првите 4 дена поминав лесно но потоа чуствував голема омалаксаност, немав сила. Се лекував дома со антибиотици и витаминска терапија. За среќа немав потреба од хоспитализација. Сопругата се изолира и успеа да не се зарази. Исто така и семејството на мојот брат, кои живеат на горниот спрат, не заболеа. 24 дена од соба не излегов. Повеќе стравував за сопругата и за тие околу мене отколку за моето здравје“, вели болничарот кој сега, како и останатиот медицински персонал од струшкиот Завод за нефрологија е вакциниран и се чуствува многу посигурно.
.jpg)
„Се вакцинирав и сега сум многу посигурен. Само вакцините можат да ја смират пандемијава. Или маски цел живот или вакцини, трето нема“, порачува Бебекоски.
Текстот е изработен во рамките на кампањата „Здравствените работници се нашите херои – со нив се гордееме“, како поддршка во најголемата здравствена криза во историјата.
