Сонцето е еден од најдостапните природни извори на енергија, а неговиот потенцијал сè повеќе се користи и за производство на електрична енергија.
Наместо сончевата светлина само да се користи за загревање вода, со помош на фотоволтаичните панели таа може да се претвори во струја за домовите, деловните објекти и јавните установи.
За граѓаните тоа отвора можност дел од потребите за електрична енергија да ги обезбедуваат сами, наместо целосно да зависат од електричната мрежа.
Но, иако технологијата станува сè поприсутна, кај дел од граѓаните сè уште постојат дилеми – како функционира системот, колку панели се потребни, колку чини инвестицијата и дали навистина се исплати.
Од Центарот за климатски промени велат дека токму информирањето е важно, бидејќи сончевата енергија сè уште најчесто се поврзува со термалните колектори за топла вода.

„Најчесто кај нас сончевата енергија ја поврзуваат со производство на топла вода, односно термални сончеви колектори, каде најмногу имаат познавања. Ние сега промовираме дека од сонцето може да се произведува и електрична енергија“, вели Филип Стојановски од центарот за климатски промени.
Фотоволтаичниот систем ја претвора сончевата енергија во електрична, која првенствено се користи за потребите на домаќинството.Кога производството е поголемо од моменталната потрошувачка, вишокот електрична енергија може да се предаде во мрежата.Така граѓанинот станува и производител и потрошувач – односно просумер.

„Граѓаните имаат две можности – или да користат сончевата енергија што ќе произведе струја, да не бидат приклучени на мрежата, или, пак, да се приклучат на мрежата и да станат производители-потрошувачи“, додава Стојановски.
Но, производството од сонце не е еднакво во текот на целата година.
Најмногу електрична енергија се произведува во периодот кога сончевото зрачење е најголемо – во пролетните и летните месеци. Во зима производството е помало, токму кога потрошувачката кај дел од домаќинствата може да биде поголема.
Ако целта е поголема енергетска независност, една од можностите се батериските системи, кои овозможуваат вишокот произведена енергија да се складира и да се користи подоцна.
„Во зима произведуваат помалку. Тоа значи дека на некој начин им требаат батерии да складираат енергија. Кај батериите е малку повисока инвестицијата и граѓаните малку тука се воздржани“, појаснува Стојановски.

[Токму почетната инвестиција е еден од најважните фактори кога едно домаќинство размислува за поставување фотоволтаици.
Цената зависи од моќноста на системот, бројот на панели, видот на опремата, но и од тоа дали во системот ќе бидат вклучени батерии.Затоа не постои универзално решение за секој дом. Системот треба да биде прилагоден на потрошувачката на домаќинството.
„Дали, на пример, ќе ставите 2, 4, 6 или 10 киловати, зависи од потрошувачката. Колку е поголема моќноста, толку побрзо може да се исплати системот. Некој просек на враќање на средствата е од 6-7, 7-10-12 години, во зависност од моќноста на системите“, вели Стојановски.
Иако интересот постои, ваквите системи сè уште не се широко застапени во македонските домаќинства.
Од Центарот за климатски промени сметаат дека е потребно граѓаните подобро да ги разберат и техничките и финансиските можности што ги нуди сопственото производство на електрична енергија.
Токму со таа цел, овој месец во Кичево беше организиран Соларниот саем „Сончевата енергија поблиску до граѓаните“.
На саемот граѓаните преку информативни штандови, практични демонстрации и директни разговори можеа да се запознаат со фотоволтаиците, сопственото производство на електрична енергија и можноста да станат просумери.
Целта е сончевата енергија од потенцијал да стане реално решение – и за пониски сметки, но и за поголема енергетска независност.
ВИДЕО:
