Интервју со нутриционист – Расчистете ги сите дилеми за исхраната

Во време кога сме преплавени со најзразлични информации во медиумите, често пати сме во заблуда. Незнаеме што е здраво, што е здрав начин на исхрана?

 

Преку ова кратко интервју со нутриционистот Влатко Танески, верувам ќе го збогатите вашето знаење и ќе расчистиме некои дилеми….

Охриднет: Денес, може слободно да кажеме дека е време кога сите внимаваат на исхраната. Читаме секојдневно најразлични вести, но честопати не знаеме што навистина е здраво да се јаде. Кажи ни Влатко накусо кој е вашиот совет. Што еден човек треба  да јаде? Колку овошје, зеленчук, колку месо и млечни производи?

Таневски: Факт е дека постојат најразлични диети. Од едната страна ги имате многу популарните протеински диети, а од другата страна ги имате веганските диети. Сепак вистината е на средина. Една избалансирана изхрана треба да изобилува со овошје и зеленчук, а месото и другите анимални продукти треба да се внесуваат умерено. Согласно современите нутриционистички гледишта се препорачува дневно да се јадат 5 порции овошје и зеленчук. Една порација означува една дланка, т.е. едно јаболко, 1 домат, мала чинија салата итн. Млекото и млечните производи даваат многу енергија и не треба да се јадат во големи количини, ако сакате да ја задржите својата тежина. Јас искрено не ги консумирам млекото и млечните производи. А, за луѓето што ги сакаат, би било доволно да земат една чаша млеко, една чаша јогурт или 60 гр. сирење. Тоа е сосем океј количина, кога станува збор за млекото и млечните производи. Кога станува збор за месото, нутриционистичките препораки се многу поригорозни. Се смета дека се доволни 300 – 600 грама месо неделно. Или поедноставно кажано: ако сте љубители на месо, дозволено ви е да јадете 40 – 80 грама месо дневно. Тоа е парче месо големо колку половина дланка. Се што е над оваа колична е погубно за вашето здравје.

Охриднет: Што мислите за денешните модерни диети? На пример ете за популарната хроно диета? Дали таа одговара на секој организам?

Таневски: Денес имате еден куп фенси диети: хроно диета, УН диета, диетата на Иренна, Беверли Хилс диета итн. Кај сите овие диети погубното е што се универзални за сите. Тоа е големата грешка кај диетите. Не постои универзална диета. Исхраната е индивидуализирана. Секој човек е посебна единка и за секој човек има различен тип на исхрана. Бидејќи ја спомнавте популарната хроно исхрана, јас сум најголем противник на хроно исхраната. Против оваа исхрана сум бидејќи воопшто не е здрава. Прво, во хроно исхраната е дозволено за доручек да се јадат сувомеснати производи. Ставот на СЗО за месните преработки е јасен. СЗО излезе со јасни препораки дека со консумирање 50 грама месни преработки, се зголемува ризикот за појава на колоректален карцином за 18%. Второ, хроното исхрана е премногу протеинска. Веќе и обичните граѓани знаат дека консумирањето на премногу протеини е штетно за нашето здравје. Претераната консумација на протеини може да доведе до: артериска хипертензија, висок холестерол (хиперхолестеролемија), артритис, остеопороза, нарушување на работата на бубрезите. Исто така, високо протеинските диети го зголемуваат и ризикот за појава на рак, особено ризикот за појава на рак на дебелото црево. Тоа е така бидејќи ваквите диети го нарушуваат ацидо-базниот статус на нашето тело.

Охриднет: Денес голем проблем е дебелината кај децата. Која е вашата препорака до родителите? Што да преземат за решавање на прекумерната тежина на сопствените деца?

Таневски: Родителите кои имаат гојазни деца мора задолжително да го однесат своето дете во некој диет клуб каде што работаат професионалци. Ние, нутриционистите, треба да ги едуцираме родителите за здравата исхрана. Само со едукација може да го победиме обезитасот (дебелината) како болест. На родителите топло би им препорачал да ги советуваат своите деца дека на организмот не му се потребни чоколади, слатки, сладоледи, бурек и други печива кои содржат многу маснотии, ѓеврек и други печива од бело брашно, пржена храна и сл. Вакви работи може да се јадат само во одредени ситуации, кога сакаме да уживаме или да славиме нешто: родендени, имендени, свадби, крштевки. Проблемот е што луѓето сите денови јадат ваква нездрава храна. Затоа имаме и болни лица, а и деца кои страдаат од прекумерна тежина.

 

Охриднет: Како треба да изгледа  едно дневното мени на деца од 5-6 годишна возраст, како на поголемите во  пубертет и како на возрасен просечен човек?

Таневски:  За жал, тука не би можел да ви дадам конкретни мениа бидејќи исхраната е индивидуализирана. Начинот на исхрана е детерминиран од многу фактори: пол, возраст, телесна тежина, здравствена состојба, биохемиска состојба, работна позиција, животен стил, цели што сакаме да ги постигнеме. Тука би можел да дадам само некои општи препораки, кои би требало сите да ги почитуваме. Прво, треба да научиме да пиеме минимум 1,5 литар вода. Па, луѓето заборавија да пијат вода. Постојат луѓе кои не пијат повеќе од 2 чаши вода во текот на денот. Тоа е страшно! Дехидрираното тело е извор на сите болести. Секогаш треба да консумираме свежи производи кои ни ги нуди регионот. Задолжително треба да избегнуваме индустриски преработена храна: топено сирење, паштети, слатки производи и сл. Ако сакаме да јадеме готвена храна, да настојуваме храната претжно да ја подготвуваме со варење. Храната не треба да ја вариме долго и на висока температура. Варењето треба да го правиме со малку вода и малку маснотија – на овој начин храната го задржува свежиот вкус, ги чува витамините и другите хранливи материи. При готвењето треба да користиме малку сол и многу свежи зачини.

 

Охриднет: Денес е модерно да се биде вегетаријанец или веган. Што мсилите вие ? Кој е поздрав лугето кои јадат месо или вегетаријанците?

Таневски:  Многу дискутабилно прашање. Ако еден веган или вегетаријанец јади ѓевреци, бели печива, слатки производи, пржена храна и слично, тогаш тој човек може да го класифицираме во групата ЛОШИ ВЕГЕТАРИЈАНЦИ И ВЕГНИ. Оваа група на вегани и вегетаријанци се храни многу, многу нездраво. А, ја имате и групата ДОБРИ ВЕГЕТАРИЈАНЦИ И ВЕГАНИ. Овие луѓе јадат исклучиво здрава храна: овошје, зеленчук, мешунки, целозрнести житарици, јатки и семки. А, за тоа кои се поздрави ви тврдам дека тоа се веганите и вегетаријанците. Според најновите нутриционистички сознанија, вегетаријанската и веганската исхрана се најдобри начини на исхрана за здравјето на луѓето и за животната средина. Според научните истражувања, вегетаријанската и веганската исхрана може да го намалат ризикот од рак на простата за 35%, а вкупниот ризик од рак може да го намалат за 18% со ваквите начини на исхрана. Истражувањата одат и чекор понапред. Па, така имаме информации дека овие начини на исхрана може да го намалат ризикот за срцев удар за 32%, а ризикот за појава на дијабетес тип 2 може да се намали за неверојатни 62%. И за крај да резимирам дека тука цело време говориме за храната што ја јадат ДОБРИТЕ ВЕГЕТАРИЈАНЦИ И ВЕГАНИ, а не за храната што ја јадат ЛОШИТЕ ВЕГЕТАРИЈАНЦИ И ВЕГАНИ.

 

 Охриднет: Која е вашата препорака. Колку често треба да се консултираме со нутриционист?

Таневски:  Сите луѓе имаат потреба од консултации со нутриционисти. Живееме во 21-от век, век во кој имаме тони нездрава храна и уште повеќе болести. Затоа тука се нутриционистите, за да ви го покажат патот до здравата исхрана и до здравото долголетие.

 

 

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани