Ивана Лескароски: Да не бев толку сакана, не знам дали ќе бев жива

Кога животот не ве  гали, а постојано ви сервира нови искушенија, тогаш  инспирираат луѓето кои не се откажуваат. Се борат со сета сила, а наместо да плачат тие се утеха. Силни, храбри и насмеани тоа се најголемите борци. Една ваква приказна е нашата Ивана Лескароски од Охрид. Голем број загуби, но и победени битки на кои е особено горда. Денес нови предизвици со кои храбро влегува во битка и сигурна победа.  Ивана е млада жена, мајка, сопруга која своите животни предизвици ги споделува на социјалните мрежи за да ги иснпирира болните, кревките и луѓето кои се соочуваат со животни препреки.

Која е Ивана Лескароски?

На прашањето која е Ивана со гордост кажувам сопруга на Дејан Лескароски поранешен фудбалер и моментално помошник тренер на првакот во првата македонската фудбалска лига Трим Љум но Ивана е и мајка на Роман кој е вистински Роман од кога е роден ,Ивана е една жена која од мојата 15та година па се до ден денес води битки кои со сигурност можам да кажам дека не секој би можел да ги издржи.

Како би се опишала себе си?

Себе би се опишала како една силна жена како планина, полна со љубов и емоции жена која духовниот живот и е извор на енергија и жена која е непобедлива благодарение на силата која Бог ми ја дарил за да докажам дека со љубов вера и надеж се се може,  а со моето мото „Морам, можам и сакам“ го почнувам секој нов ден.

Која е твојата најголема загуба во животот?

Кога сме кај загуби јас го доживеав она што никогаш не би посакала да го доживее една мајка.смрта на моите деца беше нешто кое не можам да ви го опишам со збор. Мојот првенец Паоло почина на неполна недела од неговото раѓање и кога се соочив со тоа сфатив дека мене во животот никогаш ништо нема да ме убие штом го преживеав ова…Следуваа низа абортуси за да потоа се роди мојот втор син Аритон кој ни ја врати желбата за живот но, за жал после неколку месеци Аритон почина, а неговата смрт до ден денес ја немаме прифатено и никогаш нема да ја прифатиме поради многу „х“ фактори за кои сме сигурни дека Аритон можеше да преживее. После неговата смрт јас станувам пепел, а бебе и бремена жена не сакам да видам, вриштев и кубев коса се додека не пробав да посегнам по својот живот. Но Бог е голем јас во тој момент помислив на Дејан и на моите родители дали заслужуваат да доживеат уште болка тогаш само реков или ќе одам кај моите деца или ќе почнам пак да живеам. Од тој ден јас сум имуна на болка не чувствувам болка ништо не може да ме повреди. Мислам дека за се тоа има заслуга Дејан да не бев јас толку сакана не знам дали сега би била жива.

После две големи загуби, на двете чеда денес водите битка и со болеста на твојот син Роман? Велиш ова е најтешката битка во животот?

Точно за ова искушение не бев подготвена ова беше еден шамар кој толку боли и пече. Се започна во август кога Роман почна неконтролирано да мокри , да губи килажа, да пие и јади без контрола. Детето ни се топеше пред очи, а ние бевме немоќни лутавме без конкретна дијагноза. Нашиот пат не однесе во Ниш кај познатото семејство Радиќ добро познати во медицината таму, тоа што тие го направија за нас е навистина бесценето. Верувајте не постоеше одел на кој Роман не беше прегледан. Неговиот случај го презеде Професорката Шаранац која со тим професори во 24 часа дијагностицираа редок вид на дијабет, инсипиден дијабет кој кај нас не е толку познат, дијагностицираа големи бранови во гликемијата која што му прави хипер и хипо гликемија, потоа промени на панкреас и како капак на се 9мм промена на хипофиза. Следуваа и дијагнози од невролог кој исто беа шок за нас. Професорката Шаранац за нас е дел од нас,  24часа е достапна за нас, а нашето живеење сега е на релација Охрид Ниш. Роман со се ова се носи како да е возрасен човек. Секој ден ни дава нови животни лекции зависен е од сензор за следење на гликемијата и тоа ни е еден од најголемите проблеми бидејќи неговото лекување е Србија тука не ни следуваат сензори кои дијабетичарите тука ги добиваат бесплатно, додека ние се снајдуваме како знаеме и умееме. Кога ќе дојде во хипо гликемија тоа е кошмар, главоболките се се почести и едноставно борбата штотуку започна. Ова е битка која ќе ја водиме се додека не победиме а ќе биде доста тешко знаејќи дека идат топли денови во кои никако не смее да дојде до дехидрација.
Кога лежиме во болница знае да каже мама немој да плачеш ти победи канцер и ова ќе го победиме.

За жал последните неколку години и ти лично се соочи  со карцином. Твојата силна волја ја победи болеста?

Да, точно три години е мојата битка со канцер сигурна сум дека за две години кога ќе стигнам до петата ќе правиме канцер фри прослава. Тешко е бидејќи после операцијата на канцер и радиоактивната терапија следуваа и други операции кои ме исцршија а најтешко од се беше бактеријата ешерихијаколи кока една година ме врза за кревет тогаш добив и воспаление на вени од премногу боцкања. Но ништо не ме спречи да го сакам животот, сакам да живеам има за кого да живеам.

Каде наоѓаш утеха, од каде црпиш сила?

Утеха како утеха не наоѓам зошто животот ме направил јас да сум утеха на другите, но сила да сила црпам од љубовта на Дејан, од присуството на Роман, од цела моја армија која е со мене и до мене често знам да кажам дека еден војсководец не може да победи без својата војска па среќа што јас ја имам, исто сила ми даваат пораките кои секој ден ги добивам од девојки, мајки жени на кои им сум инспирација, но онаа вистинска сила ја добивам во моето засолниште во прегратката на мојот духовен отец со кристални очи Отец Макариј во Бигорскиот манастир. Таму сум вистинска Ивана добра, лоша, лута, полна љубов и полна тага често го прашувам отецот дали ќе се откаже од мене зашто јас сум духово чедо кое некогаш многу зборува а тој само ќе ми каже Татко од своето дете никогаш не се откажува. Молитвата на монасите таму е толку силна, но тоа само се доживува соодветни зборови нема таму се е љубов и духовното е пред материјалното што за жал во светот е обратно. За мене победа е што Роман се исповеда веќе една година се моли и пости и тоа од душа и срце.


Желбата моја е само една Роман да оздрави, но кога би ме прашале што сакам тогаш ќе кажам да ја вратам насмевката на моето семејство мајка ми повторно да се смее татко ми да ги нема насолзените очи,  свекор ми и свекрва ми да ја вратат енергијата ова се работи кои ме болат зашто не секој ја има мојата психа и често знаат луѓето да ме прашаат дали користам медикаменти за смирување да користам Отец Макариј се вика мојот лек.

Која е твојата порака до сите мајки, жени кои се соочуваат со најголемите животни предизвици?

Пораки имам многи би им порачала да не си прават проблем без проблем не е проблем ако немаш нови штикли или ако Париз не е твоја следна дестинација, научете да верувате во себе,научете дека пораз не е опција, научете да се радувате на секое ново утро зашто следно може и да нема,научете дека со вера љубов и надеж се може се а моето мото морам можам и сакам нека ви биде патоказ низ животот.Кога ќе се изнервирате за глупост сетете се на мојата победена епилепсија
Смрта на моите две деца
Десет абортуси
Мојата борба со канцер
И мојата борба со болеста на Роман можебо ќе ви бидам добар шамар

 

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани