Медицинските сестри од Интерното одделение во охридската болница неуморни во борбата со коронавирусот. Велат: „Пациентите со нас и тагуваат, но и се радуваат“.
.jpg)
Медицинските сестри кои ја имаат најхуманата професија се хероините во Општата болница во Охрид во справувањето со корона-пандемијата. Носат заштитно одело и маски и по 10 часа во текот на денот и постојано се грижат за тешко болните. Со нив ги споделуваат сите тажни и среќни моменти.
Секојневно соочени со стравот и маката на тешко болните, секогаш во првите редови во справувањето со кризата, велат дека коронавирусот е приказна која не можеле да ја замислат ниту во најцрните сценарија. Растот на бројот на новозаразени е брз па за само за час можат да се наполнат болничките кревети.
За нив секој ден е борба да им се помогне на пациентите што побрзо да закрепнат и полесно да ја надминат болката која им ја создава коронавирусот.
.jpg)
„Повеќето победуваат во битката со вирусот но имавме и пациенти со многу тешка клиничка слика кои за жал беа совладани од болеста. Љуѓето треба да веруваат во постоењето на опасниот вирус бидејќи тој е навистина меѓу нас, непредвидлив и опасен“, велат тие.
Симона Сулоска е млада медицинска сестра која работи во болницата 6 години. Вели дека уморот е голем, присутен е и стравот и стресот но мора да се издржи бидејќи пациентите покрај редовната медицинска грижа имаат потреба некој постојано да е со нив.
.jpg)
„Работниот ден поминува навистина напорно, работиме по 24 часа, повеќе од 6 часа поминуваме во Ковид центарот по што ги обавуваме и другите обврски. Од 7 часот наутро веќе го облекуваме скафандерот и целата заштитна опрема по што влегуваме кај болните од коронавирусот, земаме крв, мериме сатурација, им ја даваме редовната терапија, правиме ЕКГ, пациентите доколку имаат потреба ги носиме на снимање дали на компјутер или рентген. Додека трае целата трерапија ние сме во Ковид центарот. Им помагаме на болните за преслекување, за хранење, одење во тоалет доколку не се во состојба сами да го направат тоа“, вели младата медицинска сестра, Сулоска.
Сулоска вели дека дел од пациентите поминуваат низ тешки маки а допонителна тежина за нив е тоа што нивните блиски не можат да дојдат да ги посетат.
„Времето постојано го поминуваме со пациентите. Ги тешиме, се трудиме барем малку да им влееме храброст, да им дадеме сила да издржат. Дури и дома кога ќе заминеме се јавуваме за да прашаме како се. Најтешко е кога ќе слушнеме дека некој починал“, вели Сулоска.
.jpg)
Нејзината колешка Билјана Митреска вели дека и покрај тоа што се уморни често знаат и да запеат со пациентите. За неа најголема радост е кога оздравен пациент со насмевка на лицето заминува кај своето семејство.
„Има пациенти кои се со позитивен дух, најчесто знаеме со нив и да запееме и покрај тоа што немаме ниту сила ниту радост за тоа но тие неколку минути за некого се барем малку светлина во неговите тешки моменти. Тешко е да се гледа пациент кој едвај дише да ја тргне маската за да ти каже фала, да се заблагодари што заедно поминуваме низ најтешките моменти од нивниот живот. За нас најголема радост е моментот кога оздравен пациент замунува дома“, вели Митреска.
Според неа медицинскиот персонал е исправен пред најголемиот предизвик, да останат здрави бидејќи третиот бран на коронавирусот се шири најбрзо а пациентите се се помлади лица со потешка клиничка слика.
.jpg)
Сулоска и Митреска порачуваат да се почитуваат мерките и луѓето да се воздржуваат од масовни групирања, во спротивно велат, „ лесно можете да бидете дел од најстрашната приказна“
„Само така, сите заедно можеме да ја постигнеме целта, да ставиме крај на оваа пандемија“, велат медицинските сестри од Интерното одделение во охридската болница.
Покрај ковид-болните има и други пациенти кои на ова одделение примаат терапија. Минатата година, во време на пандемија на Интерно имало 15 илјади прегледи и 700 хоспитализирани пациенти.
Текстот е изработен во рамките на кампањата „Здравствените работници се нашите херои – со нив се гордееме“, како поддршка во најголемата здравствена криза во историјата.
