Во првото полугодие од 2017 година, Охридска банка оствари значителни позитивни финансиски резултати.
Билансот на состојба на Охридска банка АД Скопје на крајот од првото полугодие од 2017 година изнесува 33.691 милиони денари, и е во линија со планираното ниво за периодот. Во споредба со крајот на 2016 година, вкупниот биланс е на пониско ниво за 2.130 милиони денари или 5,9 % поради пониското ниво на депозити од правни лица, во најголем дел краткорочни и по видување, додека депозитите од физички лица бележат пораст од 0,4 %. Промената во однос на крајот на минатата година е поради повисоката споредбена основа со декември 2016, кога депозитите од правни лица остварија значително повисоко ниво.Депозитите на комитентите со учество од 72 % се доминантен извор на финансирање на активностите на Банката. Од аспект на рочната структура, најголемо учество имаат депозитите по видување кои учествуваат со 49,5 %, орочените депозити учествуваат со 45,3 % и ограничените со 5,2 %.Кредитните линии од меѓународните финансиски институции имаат учество во вкупните обврски од 14,2 %, во кои се застапени кредитни линии од ЕИБ, ЕБРД, ЦЕБ, ИФЦ, МБПР, ГГФ, ЕФСЕ и од „Сосиете женерал“.
Очекувања за следниот период. Стратегијата на ОБСГ за наредните години останува насочена кон постигнување одржлив и профитабилен раст со освојување дополнително пазарно учество во пазарните сегменти коишто се сметаат за најквалитетни и најмалку ризични – големи домашни и меѓународни компании, добро позиционираниот дел од МСП, ВИП клиенти – индивидуалци, клиенти на платен список, вработени во добростоечки компании, клиенти вработени во јавната администрација.Фокусот ќе биде ставен на развивање долгорочни и стабилни односи со постојните и со новите корпоративни и индивидуални клиенти од дефинираните целни групи. Главен приоритет на Банката во наредниот период ќе биде обезбедувањето врвна услуга. Во исто време, ќе се интензивираат напорите при „вкрстената продажба“ и зголемување на стапката на бројот на производи по клиент. Во оваа насока, веќе воспоставената успешна соработка меѓу корпоративниот и индивидуалниот сектор треба да се интензивира, со цел да се зголеми задоволството на клиентите, со истовремена корист на Банката од друга страна.
Важна и стабилна компонента е депозитната база, генерирана од страна на нашите корпоративни и индивидуални клиенти, што ќе остане примарен извор во окружувањето со строги ликвидносни и регулаторни барања и конкуренција. На страната на изворите за финансирање, странските кредитни линии од меѓународните финансиски институции остануваат значаен извор за подобрување на конкурентската предност на Банката.
Извор:bankarstvo.mk