„Прости ми. Нека ти е простено, од мене и од Господа“.
Етнолозите и истражувачите на нашите верски празници и обичаи сметаат дека празникот Прочка или Велики поклади, спаѓа меѓу најголемите христијански празници. Иако еден дел од празнувањето влече корени и е поврзано со паганските обичаи. Покрај тоа што овој празник е вовед во најдолгиот, велигденскиот пост, тој изобилува со богати, разновидни обичаи, кои му даваат посебен белег. Една од главните негови димензии е проштевањето, кога луѓето си бараат меѓусебна прошка за грешките. Во претстојниот пост требало да се влезе ритуално исчистен од гревот. Обично помладите бараат прошка од постарите и од родителите, синот приоѓа кај таткото, братот кај брата си, ќерка кај мајка си, снаа кај свекрва, сестра кај сестра си и секој секому му вели: „Прости ми“, а тој одговара: „Простено да ти е од мене и од Бога“.
Она што утре треба да се стави на трпезата се јајца и сирење. За Прочка се прави заедничка вечера во семејството на која се запокладува со сирење и јајца. Вечерата завршува со амкање јајца за децата, што претставува детска радост и добро расположение. А вистинската смисла на сето тоа е дека пред постот, на последното јадење, запостуваме и ја затвораме устата со бело јајце и потоа, на Велигден ја отвораме и замрсуваме со црвено јајце. Мрсењето завршува во Белата недела, со бело јајце и пак започнува со јајце, но црвено – велигденско, на Велигден.
