Професор д-р Владимир Филиповски: Mожна алтернатива е издавање на нова „Корона обврзница“

Професор д-р Владимир Филиповски од Економскиот факултет при Универзитет Св. Кирил и Методиј од Скопје, во свој авторски труд, кој, колоквијално би можеле да го насловиме и како „Корона-обврзница“, подетално се осаврнува на моментно актуелната тема (дискустија) за искористување, односно пренасочување на средствата од Вториот пензиски столб кон првиот, односно државниот Фонд за ПИО.

 


Филиповски, во трудот насловен: “За пензискиот систем, фискалните дефицити и помошта на економијата”, меѓу другото, советува, како можна алтернатива – издавање на нова, „вонредна“, релативно голема емисија на домашни државни подолгорочни обврзници, која би им била понудена и на граѓаните и на финансиските институции, а со цел мобилизација на домашното штедење.

-Во врска со актуелните дискусии кај нас за тоа како вториот столб да се „употреби“ за спасување на „економијата“, треба да се напомене дека големата „дупка“ во првиот столб, ќе биде тешко одржлива без некои промени во самите параметри на системот, какви што се: стапките на придонесите, возраста за пензионирање, индексацијата, опфатот на бенефицирани професии, државните гарантирани пензии, и слично, пишува Филиповски.

Тој додава дека, тука би се вклучило и можното реформирање и на самиот прв столб, преку „шведскиот“ модел на некапитализирани дефинирани придонеси. Но, тоа се системски промени, чии последици треба студиозно да се проценат.

-Главниот проблем на системот не се решава суштински со некакво тримесечно „замрзнување“ на уплатите во вториот столб и нивно пренасочување во „спасувањето на економијата (!?)“, посебно ако тоа е придружено и со генерално ослободување на фирмите од уплаќање на придонесите. Тоа би било de facto генерирање на невидлив, имплицитен дефицит, кој кога тогаш (веројатно порано отколку подоцна) ќе се појави во „фискалните книги на државата“, пишува Филипоски и додава, дека за тоа ќе требаат или повисоки придонеси, или повисоки даноци, или милијардски еврообврзници (кои на крај пак ќе завршат во повисоко оданочување на граѓаните), напоменува Филиповски.

Професорот забележува на леснотијата со која промоторите на ваквата инстантна пензиска „реформа“ преминуваат преку задолжувањето со еврообврзница (т.е. во странска валута). Да потсетиме, во мали земји кои се задолжуваат во странска валута, стабилноста на девизниот курс на домашната валута, како и целокупната финансиска стабилност, критично зависи од фискалната дисциплина на државата.

– Едноставно, Македонија го нема комодитетот да генерира високи буџетски дефицити, кои ќе ги финансира првенствено со странско задолжување од приватни извори (инаку, кога Естонија се задолжува во евра, тоа е во нејзина домашна валута). Затоа, а и поради други причини, за земји како нашата, првенство треба да имa задолжувањето во домашна валута (добро би било кога домашни државни обврзници би ги купувале и странски инвеститори/институции, што би значело прилив на странско штедење), пишува Филиповски.

Тој смета дека, со тоа, би се намалил девизниот ризик кај јавниот долг. Се разбира, потребно ќе биде и странско задолжување од приватните пазари на капитал, но како дополнително, откако би се исцрпиле можностите за домашно задолжување и за странско задолжување од мултилатерални извори.

-Значи, една можна алтернатива е издавање на нова, „вонредна“, релативно голема емисија на домашни државни подолгорочни обврзници („Корона-обврзница“), која би се понудила на широката инвеститорска јавност, т.е. и на граѓаните и на институционалните инвеститори (иако е реално да се очекува дека поголем дел од емисијата би го купиле домашните финансиски институции). Дури, таа обврзница би можела, слично на обврзниците за денационализација, да се тргува секундарно на Берзата.

Што се однесува до предлозите, банките да вложат повеќе средства во државни обврзници, наместо промени кај благајничките записи (благајничките записи се инструмент за остварување на монетарната стратегија на централната банка, која пак е дизајнирана зада обезбеди одржување на стабилен девизен курс), би можело да се разгледа дали е возможно привремено релаксирање на евентуални регулациски ограничувања (доколку постојат!) за банките, акои се однесуваат на нивно инвестирањево домашни државни обврзници.

Замрзнувањето на приливот на придонеси во вториот столб, всушност, може да биде контрапродуктивно, во смисла на намалување на средствата со кои тие фондови би можеледа учествуваат во покривање на фискалниот дефицит потребен за справување со кризата со коронавирусот. Настрана фактот што таквото (дури и привремено) замрзнување на приливот на придонесите во вториот столб неповолно би влијаел врз институционалниот кредибилитетот на вкупниот пензиски систем.

-Основната поента е следнава: пензиски систем од тростолбен вид е прилично комлексна структура за да може да се прават експерименти незасновани на сериозна економска и демографска анализа. Кај пензискиот систем, во основа, сеработи за штедење за пензиски денови, т.е. за интертемпорално распределување на доходот (и богатството) на поединците низ времето, што значи дека сериозно реформирање на таков систем е можно само ако се има предвид долгорочен временски хоризонт. Тоа може да е во колизија со краткорочниот хоризонт на политичарите, чија миопија им сугерира дека е можеби најлесно и најопортуно да се посегне по пензиската штедна касичка, а тоа да е без последици по нивните политички кариери.

Професор Филиповски препорачува македонските граѓани да бидат внимателни кога некои политичари им ветуваат дека денес експроприраните средства државата ќе им ги надомести во (некоја нејасна) иднина, веројатно со издавање уште една, ента по ред, еврообврзница. Затоа што таквото надоместувањена крајот пак ќе биде од џебот на граѓаните и тоа во некоја идна економска ситуација, која може да изгледа и прилично грдо.

-Бидејќи предлогот за пренасочување на делот од придонесот од вториот во првиот столб не е базиран на аналитички проекции за идните последици од тој предлог (туку, по се изгледа, на чист политички опортунитет), принципот на елементарна правичност (fairness) би барал членовите на вториот столб (над 450.000 граѓани), со чии средства политичарите сакаат да си „играат наоколу“, барем да бидат соодветно „прашани“ за таквиот предлог, пошува професор Филиповски.

Предлозите во јавноста за „искористување“ на средствата од вториот столб за справување со економските последици од коронавирусот,смета професор Филипоски, треба да се земаат со резерва. Не е случајно што земјите од ЕУ, кои превземаа порадикални чекори кон експроприрање на приватните пензиски заштеди, се токму земјите кои и според извештаите на самата ЕК имаат проблеми со владеењето на правото и демократијата (Унгарија, Полска и сл.).

-Реформите на самиот прв столб, треба да одат во насока на индивидуализација на пензиските заштеди и подиректна врска помеѓу индивидуалните придонеси и пензии. Тоа се прави преку системот на некапитализирани дефинирани придонеси, т.н. Notional Defined Contributions. Македонија можеби би требало сериозно да го разгледа ваквиот модел за првиот столб, но, во некои понормални времиња, заклучува професор Филиповски.

Веле Митаноски

Целиот текст тука

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани