Сестра Анета од охридската болница: Тешко е да гледаш човек кој се бори за здив, но мора да го победиме вирусот!

АНЕТА ВОЛКАНОСКА- ГЛАВНА СЕСТРА ВО ЈЗУ ОПШТА БОЛНИЦА ОХРИД: ТЕШКО Е ДА ГЛЕДАШ ЧОВЕК КОЈ СЕ БОРИ  ЗА ЗДИВ,  НО МОРА ДА ИЗДРЖИМЕ ДА ГО ПОБЕДИМЕ ОПАСНИОТ ВИРУС.

Анета Волканоска главна сестра во Општата болница во Охрид, 26 години работи во оваа здравствена установа. Како медицинска сестра од Интерното одделение, каде се лекуваат најтешко болните, вели дека ковид- состојбата е нешто досега невидено. Година дена секојдневието на целиот здравствен тим е борба за секој живот, сурова реалност исполнета со болни судбини. Белиот мантил е заменет со скафандери, маски, визери .. Заштитната опрема се носи и по 12 часа  а работниот ден за неа трае и по завршување на смената. Иако вели дека издржливоста и уморот се на граница, насмевката и оптимизмот не ја напуштаат.

„Знам кога ми започнува работното време, но не и кога ми завршува. Често остануваме по 12 часа а понекогаш и повеќе. И кога ќе заминете дома постојано сте преокупирани со комуникации и информации за нашите пациенти. Едноставно ниту јас ниту моите колеги кои сме дел од оваа нова ситуација, време за други работи немаме“, вели Анета.

ЈЗУ Општа болница- Охрид од март 2020 година работи како регионален ковид-центар. Со реорганизација на одделите, пациентите од Одделението за Геријатрија се сместени во болницата Свети Еразмо, болните невролошки во одделот за Урологија се со цел, како што вели сестра Анета, да не се запостават пациентите од друга патологија но и да се ослободат кревети за болните од ковид-19.

 

„Целиот медицинскиот персонал со заеднички сили, со колегијалност, со сплотеност се справуваме со оваа новонастаната ситуација. Ова е нешто што не сме го учеле ниту во училиште, ниту на факултети. Секој се справуваше онака како што можеше во првите месеци. Застанавме на првата борбена линија со минимална опрема, речиси не знаевме ни како да ја користиме. Од ден на ден се едуциравме едни од други за да сега со гордост можам да кажам дека и една хигиеничарка како да завршила два факултети за користење на заштитната опрема. Кога ќе ја видам преморена низ таа заштитна опрема, ги гледаш капките пот, радува тоа што не се плаши ниту од ковидот ниту од работата. Тоа ни дава сила и треба да сме благодарни и пациентите треба да го ценат тој наш труд, таа наша посветеност и истрајност“, раскажува сестра  Анета.

На самиот почеток, раскажува таа, непознатата болест влевала страв но како што одминувало времето опасноста станувала се пореална. Заразата и во моментите кога мислеле дека е под контрола секојпат растела а со тоа и бројот на оние кои ја изгубиле битката со ковидот. За жал една од нив е медицинска сестра токму од оваа болница која не успеа да стане од болничката постела. „Нашата драга колешка пред да почини велеше – јас со песна ќе ја победам коронава, но за жал не успеа“. Како што одминувало времето се променил и начинот на работа и начинот на живот.

 

На почетокот чуствувавме страв, но го потиснавме. Пред се за нас беше поважен животот на пациентите. Тешки се моментите кога пред себе гледаш човек кој се бори  да земе здив, како останува без кислород и тешко дише. Тешко е и  кога денот го поминувате со скафандер, две маски, каљачи, визири. Доколку на некој здравствен работник му се мереше сатурација верувајте дека ќе имаше пониска и од пациентите. Но мора да се издржи. Најтешко е кога се губат човечки животи. За жал има ситуации кога тоа ти се случува пред очи,  но не можеш ништо да направиш“, вели сестра Анета која апелира да се почитуваат мерките за заштита, да се носат маски бидејќи со личната заштита се штити фамилијата но се штитат и медицинските лица.

Соочена со секојдневно тешките судбини од болничките кревети вели дека и покрај уморот борбата продолжува.

 

„Верувајте една цела година не сме одмориле ни еден ден, веќе не сме здрави луѓе оти здравјето не е само отсуство на состојба на болест. Здравјето е состојба на потполна физичка, психичка и социјална благосостојба. Оваа година кај нас сето тоа е нарушено. Се наруши фамилијарниот, социјалниот живот но продолжуваме со справување со оваа смртоносна болест. Мора да истраеме до крај, се додека не го победиме вирусот“, додава Анета.

Од почетокот на ковид-пандемијата во Општата болница има околу 900 хоспитализирани пациенти. Најмладиот имал само 27 години. Дневно во лабараторија има и до 100 пациенти, на рентген 70 а исто толку и за инфузиона терапија.  За прегледи во Интерното одделение пак дневната бројка надминува и над 100 пациенти.

Исполнети се и болничките кревети во новопоставената Модуларна болница каде моментално има 35 пациенти. Позитивни пациенти има на Интерното одделение додека на Геријатрија се сместени суспектни кои чекаат резултати од тестовите по што болните се префрлаат во ковид-одделенијата а оние со негативен тест заминуваат дома.

За жал се поголем е бројот на помлади пациенти кои претходно немале други заболувања. Повеќето од нив се со тешка клиничка слика приклучени на кислородна поддршка.

Околу 80 здравствени работници од Општата болница ја примија и првата доза на вакцината Фајзер.

 

Текстот е изработен во рамките на  кампањата  „Здравствените работници се нашите херои – со нив се гордееме“, како поддршка во најголемата  здравствена криза во историјата. 

 

ВИДЕО

 

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани