Музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ синоќа продолжи со концерт на „Бенџамин пијано трио“ кое на публиката и’ ги долови Клавирското трио во ц-мол од Николај Римски Корсаков и Клавирското трио Опус 50 од Петар Илич Чајковски.
„Бенџамин трио“ го сочинуваат виолинистот Емир Имеров, пијанистот
Ваг Папијан и виолончелистот Александар Кагановски. По концертот, тие изјавија дека се задоволни од нивниот настап и од приемот на публиката.
Македонскиот виолинист Емир Имеров кој е дел од звучните европски ансамбли првпат настапува на „Охридско лето“, но неговите колеги веќе биле на фестивалот.
– Чест ни беше да свириме на овој огромен по своето значење фестивал, како за Република Македонија, така и за целиот музички свет. Се надевам дека публиката многу добро не’ прифати и навистина ни беше задоволство да настапиме пред ваква публика, изјави Имеров.
Ерменскиот пијанист Ваг Папијан влезе во фестивалската хроника пред две години, затворајќи ја музичката програма на 55-то издание на „Охридско лето“ заедно со рускиот виртуоз на виолина –маестро Максим Венгеров.
Музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ вечерва ќе донесе два концерти што ќе се одржат во црквата „Света Софија“.
Ансамблот „Маскерина“ од Франција ќе настапи со почеток во 20 часот и 30 минути. Ќе музицираат Себастијан Берета на барокна флејта, Мари Гијоми на виола да гамба и Николас Ватин на теорбо.
„Маскерина“ е основан од виолинистката Гијоми и лаутистот Никола Ватин минатата година за време на нивните студии во Версај. Ансамблот обединува музичари чиј основен интерес е барокната музика. Како дует или поголем ансамбл, „Маскерина“ се посветени на музичко истражување на репертоарот на европската барокна музика од 17 и 18 век, со посебен акцент на автентичната интерпретација на оригинални инструменти и на интеракција со публиката.
Досегашните концерти овој музички состав го водат во Париз, Версај, Марсеј, Бордо, Женева…. а настапуваат и со други ансамбли како Ревеус и Амичи Ме.
По завршувањето на концертот на „Масерина“, во 22 часот, Кабаре „Зборувај тивко“ ќе донесе дела од композиторот Курт Вајл.